Во битолскиот дел на Пелагонија денеска почна жетвата на пченицата, информираат од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола.
Раководителот Илија Србиновски истакна дека жетвата се одвива на повисоките делови на Пелагонија, односно во атарот на селата Бач и Гермијан кои се наоѓаат во непосредна близина на македонско-грчката граница.
– Годинава ќе бидат ожнеани околу 17.000 хектари засеани со пченица, а во тек е и жетвата на јачменот кој годинава беше засеан на површина од 5.000 хектари. Првичните информации од терен не се добри, приносот не задоволува бидејќи првото класје не го даде очекуваниот род. За жал временските услови си го направија своето, истакна Србиновски.
Од ПЕ на МЗШВ со седиште во Битола информираат дека во Пелагонија заврши жетвата на маслодајната репка која беше засеана на површина од 1.500 хектари. Агро-експертите потврдуваат дека годинава има послаб род и кај масолдајната репка, и истиот се движи од 1.000 до 1.200 килограми по хектар.