Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално почна годинашната берба на преспанското јаболко.
Бербата почнува традиционално на големиот христијански празник Крстовден, а бериќетен род на ресенчани им посакаа заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски и претставникот на ОН и УНДП во Македонија Луиза Винтон.
Владата на Република Македонија, според Костадиновски, продолжува со мерките кои преку програмите за рурален развој и за директни плаќања, како и средствата од Европската унија, да им помага на граѓаните на општина Ресен, на Преспанскиот крај, но и за сите граѓани. Тој најави дека мерките за поддршка во земјоделството ќе продолжат и во иднина со уште позасилено темпо, но и со привлекување странски инвестиции кои ќе овозможат посигурен пласман и подобра цена за јаболката.
– Владата и кога е тешко и во нормални услови обезбедува средства и е секогаш рамо до рамо со производителите од овој крај и тоа впрочем го знаат ресенчани, бидејќи лани се случи временска непогода градот оштети голем дел од површините на производителите на јаболка. Бевме тука, ја видовме маката на ресенчани и солзите во нивните очи и како Влада одлучивме да помогнеме да ги обесштетиме оние што беа погодени од невремето. Обезбедивме средства во износ од два милиони евра и ги обесштетивме ресенчани, изјави Костадиновски.
Преспанското јаболко, како што заклучи амбасадорката на ОН во Македонија, Винтон претставува успешен бренд за регионот. Потсети на реализираните проекти преку програмата на УНДП во Преспанскиот регион посочувајќи на бенефитите од еколошкото производство и заштитата на животната средина.
– Работејќи заедно со општината изминатите години покажавме дека приходите може да се зголемуваат, а истовремено да се штити животната средина и езерото. Она што го гледаме денеска во Преспа е доказ дека може да се воспостави баланс меѓу човекот и природата и примерот ќе го споделуваме преку УНДП низ целиот свет, рече Винтон.
Јаболката, како што истакна градоначалникот Стрезоски, е производ од кој егзистираат најголем дел од граѓаните во Преспанскиот регион и затоа општината се труди секоја година да внесува нови содржини, нови квалитети за поддршка и помош на преспанските овоштари.
– Годинава е направен големиот чекор за олеснување на проблемот со пласман на Преспанското јаболко, а тоа е изградбата на откупно-дистрибутивниот центар. Со тоа се надминаа проблемите што преспанските овоштари ги имаа изминатите децении со пласманот на јаболкото. Сметам дека ова е почеток на едно ново време кога пласманот на јаболката ќе биде многу полесен за преспанските овоштари, нагласи Стрезовски.