Пензиите преку деловните банки ќе почнат да се исплаќаат од 26 август. На корисниците ќе им бидат достапни преку мрежите на банкоматите и да ги користат во трговската мрежа, а готовинската исплата ќе се врши во четири групи на 26, 27 и 28 август и на 1 септември. Овој месец, корисниците на пензии кои ја добиваа пензијата на сопствената адреса преку Пошта, нема да може да го остварат ова право, бидејќи ниту една банка нема склучено договор со Македонски пошти за оваа услуга, откако пропадна Еуростандард банка.
Пензионерите кои ги примаа пензиите на домашна адреса, треба да отворат трансакциска сметка во друга банка и да ја подигнат пензијата од таа банка.
Засега, ниту една друга банка нема склучено договор со Македонска пошта. Досега договор за достава на пензиите на домашна адреса имаше само Еуростандар банка, на која Народната банка и ја одзеде дозволата за работа.
Владата вчера донесе заклучок со кој го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, и им препорача на деловните банки, да обезбедат други дополнителни редовни исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард банка АД Скопје во другите деловни банки, со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 7 септември, 14 септември и 25 септември, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.
На вчерашната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за август 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до вторник, 25 август, а им препорача на деловните банки од среда, 26 август, да обезбедат пензионерите да може да располагаат со августовските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.
Се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата: во среда, исплата на пензии со висина до 11.000 денари, во четврток, пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари; во понеделник, исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари и во вторник, исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Владата на оваа своја седница ги прифати заклучоците на Министерство за труд и социјална политика редовната исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства за август 2020 година да се врши во 3 групи (во деновите 2-ри, 3-ти и 4-ти септември), a дополнителнa исплата ќе се врши на 11, 18 и 25 септември 2020 година, при што податоците за корисниците од Банките до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат доставени на 7, 14 и 21 септември 2020 година.
Владата го прифати и заклучокот според кој Македонска банкарска асоцијација во соработка со деловните банки да изготви за лицата кои не се во можност физички да пристапат до банката, урнек на полномошно за отварање на трансакциска сметка и/или за поврзување на истата со социјалниот број и за користење на средства од парични права од социјална и детска заштита, кое Народната банка на РСМ и Министерството за финансии треба да потврдат дали е усогласено со релевантната законска и подзаконска регулатива.
Согласно заклучоците, Македонската банкарска асоцијација да достави информација за деловните банки кои имаат склучено договор со Македонска Пошта, дали овие договори се применливи за исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства, како и да информираат кои банки планираат да склучат договор со Македонска пошта за вршење исплата на овие корисници, преку пошта со достава на средствата до нивниот дом.