Пендаровски: Енергетската криза, ценовните шокови и другите предизвици не смеат да бидат пречка за дигитализацијата

Од:

Не постојат добри услови за почеток на позитивните промени. Добрите услови ќе бидат резултат на позитивните промени. Успехот на нашата генерација ќе се оценува врз основа на тоа дали ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за нашите млади, тука во Република Северна Македонија. А тоа ќе го постигнеме само ако изградиме напредно општество втемелено врз знаење и одржлива економија втемелена врз технологии, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на јубилејниот 10. Самит на Македонија2025 чија клучна тема е дигитализацијата.

Како што напомена Пендаровски, колку и да изгледа несоодветно да се зборува за дигитализација во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза и ценовни шокови, сепак, не смее да се дозволи актуелните предизвици да го спречат планирањето на овој неопходен чекор на развојот. Имаме само една опција, наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој.

Според претседателот, парадигмата на препознавање можности и во најголемите кризи, денес ни е потребна повеќе од кога било порано. Република Северна Македонија се наоѓа во клучен период од нејзиниот развој. Минатогодишното членство во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, а интеграцијата во ЕУ ги насочува реформите во практично сите сектори.

Тој укажа и на најновите податоци на Евростат од 2020 година кои покажуваат дека просекот на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 отсто, додека во ЕУ е 56 проценти.

-Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира Пендаровски.

Ние, рече, не почнуваме од нула. Во земјава постои солиден ИТ сектор кој секоја година бележи се поголем раст со креирање нови работни места и со зголемување на уделот во македонската економија.

-Покрај намалувањето на невработеноста и раст на економијата, дигитализацијата овозможува транспарентност неопходна за да ја минимизираме можеби најголемата болест за секоја држава, а тоа е корупцијата. Тука ја вклучувам и секојдневната, таканаречена ситна или бенигна корупција која ги оптоварува јавните услуги, но, уште повеќе високата, малигна корупција поврзана со организираниот криминал, истакна шефот на државата.

За подобра иднина, додаде Пендаровски, од пресудна важност е да постои една споделена визија за развојот на државата.

-За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД2030“ како наша, автентична стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија. Вклучувајќи претставници од сите сегменти во општеството, преку „МКД2030“ сакаме да ги проектираме долгорочните развојни приоритети за нашето општество. Во исто време, ја поддржувам и Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“. Во овој краток период што го имаме пред нас, мора да ги насочиме нашите заеднички напори кон клучната цел, а таа е: да создадеме иднина за граѓаните, особено за младите, тука, во нашата земја. „МКД2030“ се фокусира на повеќе меѓузависни теми, од дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па сè до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава, подвлече Пендаровски.

За да биде реално остварлив, тој развој, нагласи, мора да се фокусира на дигитализацијата.

Претседателот во обраќањето потсети и дека во својот најнов стратешки извештај, Европската комисија ја идентификува дигиталната хиперповрзаност и технолошката трансформација како еден од четирите клучни глобални трендови што ќе влијаат на ЕУ до 2050 година. Во блиска иднина, дополни, половина од професиите ќе бидат автоматизирани, а многу професии едноставно ќе станат непотребни.

Осврнувајќи се на тековната глобална рецесија предизвикана од пандемијата, Пендаровски напомена дека според својот интензитет и опфат таа ги надминува ефектите на финансиската и кредитна криза од 2008 година.

-Оваа, да ја наречам, концентрација на кризи, како и на многу други места во светот, ги покажа нашите структурни и системски слабости. Ќе ја спомнам само актуелната енергетска криза што прави дополнителен притисок врз економијата, компаниите и врз граѓаните, затоа што сме високо енергетски зависни од увоз. Соочени со сево ова, ние имаме само една опција. Наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој. Во тој поглед не сме единствени. Многу национални стратегии и планови ќе мора да бидат ревидирани и прилагодени на новата реалност, за полесно и поодржливо пост-КОВИД закрепнување, истакна Пендаровски.

Светскиот економски форум проценува дека поради забрзаната дигитализација на глобалната економија веќе во наредната деценија дури 70 отсто од вредноста создадена преку производство и услуги ќе се темели на дигитални бизнис модели, а во овие процеси, дециден е претседателот, предност ќе имаат дигиталните општества со развиена дигитална инфраструктура и култура на иновативни, инклузивни и одржливи бизнис стратегии.

-Каде се наоѓаме ние во оваа слика? Според најновите податоци на Евростат од 2020 година, просекот на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 отсто, додека просекот во ЕУ е 56 проценти. Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини кај граѓаните зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира шефот на државата.

Во прилог на оваа теза, рече, доволно е да се погледне четвртиот Глобален индекс за корупција за 2021 година што покажува дека дигитално најразвиените европски држави имаат најниско ниво на корупција. Освен тоа, укажа Пендаровски, дигитализацијата ќе го крене нивото на услуги за граѓаните, ќе придонесе да имаме поточни и навремени податоци за состојбите во државата, ќе го олесни водењето на бизнисот, ќе создаде поволна клима за иновациите, отворањето инкубатори и стартапи, и образувањето на нова генерација дигитални номади.

Пред присутните се обратија и главната извршна директорка на Македонија2025, Никица Мојсовска Блажевски, како и претседателот на Бордот на директори на Македонија2025, Мајкл Чкламовски.

На Самитот учествуваат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој ќе зборува за неопходноста од дигитална трансформација, како и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој ќе се осврне на технологиите за борба со климатските промени.

Самитот е организиран преку пет панели и едно главно интервју, при што 28 говорници ќе зборуваат пред 100 гости и пред околу 300 гости вклучени онлајн.

Дел од говорниците на Самитот ќе бидат и директорот на ФИТР, Коста Петров, главниот извршен директор на SoftBank Group International, Марсело Клауре кој ќе има интервју со Мајк Зафировски, како и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј.

На Самитот ќе се презентираат најновите достигнувања, трендови, знаења и вештини во областа на дигитализацијата, циркуларната економија, успешните регионални бизниси од областа на технологијата и ИКТ секторот, а ќе се зборува и за жешките економски прашања – инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза и други.

Македонија2025 и МАНУ годинава основаа работен тим составен од над 20 члена кои ќе работат на Дигитална иницијатива МК2025. Во работниот тим членуваат претставници на четири стопански комори, три политички партии од власта и опозиција, министерот за информатичко општество, претставник од кабинетот на вице-премиерот Битиќи, како и членови од неколку дипломатски претставништва и невладини организации.

Би можело да ве интересира

Пендаровски до ВМРО-ДПМНЕ и Давкова: Немој да си играте со судбината на Македонија

Предраг Петровиќ

НСДП: Ги повикуваме граѓаните да гласаат за нашиот претседател Стево Пендаровски

Пендаровски: Мицкоски по амбасади ветува дека прв негов приоритет ќе биде внесување на Бугарите во Уставот

(ВИДЕО) Пендаровски: Знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв од ветинг

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски до Силјановска-Давкова: Нека ѝ служи на чест!

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Пендаровски во Виница: Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот

Горан Наумовски