Македонија да не ја перципирате како мала земја со само два милиона жители, туку како држава која ќе ви ја отвори вратата кон огромниот пазар од 650 милиони луѓе. Ова им беше порачано на турските стопанственици – членки на Независната асоцијација на индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) која денеска отвори претставништво во Скопје.
МУСИАД ја одбра Македонија за својата прва Канцеларија во регионот поради одличната геостратегиска положба, но и поради, како што беше речено, традиционално добрите односи меѓу двете земји на сите нивоа. Целта е уште поголема соработка особено на деловен план, како и јакнење на бизнис релациите со цел Балкан, преку Македонија.
– Отворањето на претставништвото во Скопје е нашиот прв чекор кон уште поголемо зближување, како и придонес кон ионака одличните економски односи меѓу двете земји. Македонија не само што е срцето на Балканот, туку претставува и мозаик на сите мултикултурни вредности присутни во регионот, истакна претседателот на МУСИАД Биљал Кара во обраќањето.
Според него, фокусот на МУСИАД ќе биде ставен на интензивирање на бизнис реалциите не само со македонските, туку и со компаниите од регионот, како и на реализирањето што повеќе заеднички проекти.
Третманот на Турција, нагласи Кара, е ист кон сите стопанственици, независно од која етничка група или народ доаѓаат.
МУСИАД работи 26 години, има претставништва во преку 60 земји низ светот, а главната Канцеларија е во Истанбул. На денешното отворање на претставништвото во Скопје присуствуваа министри, амбасадори, претставници на стопанските комори и на други институции.
Попладне, МУСИАД ќе организира Балкан бизнис форум на кој ќе учествуваат компании од градежниот сектор, металургијата, туризмот, текстилот и земјоделството. Ќе присуствуваат бизнисмени од генералната дирекција и подружниците на МУСИАД, членови на Стопанската комора на Македонија, стопанските комори од регионот….
Предвидено е генералниот претседател на МУСИАД Наил Олпак да потпише меморандум за соработка со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, со претседателот на Стопанска комора на Република Косово Сафет Герџалиу и со претседателот на Стопанската комора на Албанија Николин Јака.