Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Коста Петров и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска на прес-конференција го најавија отворањето на првиот од 11-те јавни повици за оваа година за ко-финансирани грантови за технолошки развој и за забрзан економски раст на ФИТР. Повикот ќе биде отворен до 6 април, а детали и правилникот за аплицирање ќе бидат објавени на веб страницата на Фондот.
Овој јавен повик, како што посочи Петров, на еден начин е продолжување на јавниот повик од минатата година поврзан со Ковид-19. Буџетот овој пат е двојно зголемен. Минатиот повик беше 3,3 милиони евра, овој повик е шест милиони евра.
Главниот фокус и целта на повикот, како што нагласи Петров, е поддршка на домашните компании да создадат услови за надминување на последиците од економската криза, да остварат забрзан раст, да ја зголемат конкурентноста на меѓународните пазари, но и отпорност кон пандемски и климатски кризи, преку воведување нови, иновативни, напредни и зелени дигитални технологии за нивна трансформација.
– Во однос на тоа какви предлог проекти очекуваме, односно какви активности поддржуваме, листата не е ограничувачка и може да се најде на веб страницата на ФИТР. Како на пример – набавка и воведување нови иновативни, напредни, зелени дигитални технологии за трансформација на производствените и деловните процеси, развој и воведување нови поеколошки процеси и стандарди за производство и работа, како и подобрување на ефективноста и ефикасноста на производството и деловните процеси, појасни Петров.
Фондот, додаде, обезбедува финансиска поддршка за микро претпријатија до 70 проценти од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 2,5 милиони денари, за мали претпријатија до 70 проценти, но не повеќе од пет милиони денари, а за средните претпријатија до 60 проценти, но не повеќе од 10 милиони денари. Со овој повик ФИТР нуди поддршка и на приватните здравствени установи.
– Некои од условите се: апликантот да не е поврзан со друго претпријатие или приватна здравствена установа чии годишни приходи надминуваат 10 милиони евра, и просечен број на вработени да не надминува 250 од претходните фискални години, да нема доспеани, а неподмирени обврски со доцнење над 90 дена кон финансиските институции, заклучно со месец февруари 2020 година и да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и за истиот проект да нема добиено финансиска помош од друга државна институција, појасни Петров.
Во делот на подобни трошоци, Петров посочи дека преку овие грантови има ставка во која се обезбедуваат и плати за лица ангажирани на проектот. Некои од подобните трошоци за финансирање се – трошоци за техничка поддршка, односно експертиза, трошоци за договорни услуги за истражување, развој, дигитализација, трошоци за набавка и изнајмување опрема, софтвер, алатки за информатичка технологија и суровини и потрошен материјал директно поврзан со реализацијата на проектот.
– Во однос на механизмот за поврат на средствата се врши постапка од 7,5 проценти од оперативната добивка на корисникот, до остварување на поврат од 105 проценти од износот исплатен од страна на Фондот или за период од пет години по завршување на проектот во зависност од тоа кој услов е прв остварен, рече Петров, додавајќи дека од големо значење е и рамномерниот регионален развој, како и поттикот на женското претприемништво и затоа предност ќе имаат предлог проектите на компаниите кои имаат жени управители и доаѓаат од различни региони.
Бодувањето ќе се одвива на следниот начин – технолошки напредок и степен на дигитализација – 35 поени, квалитетот на проектот ќе се оценува со 10 поени, капацитетот на проектниот тим ќе се оценува со 10 поени, а влијанието на проектот со 45 поени.
– Во однос на процедурата за оценка и селекција во рамките на овој јавен повик имаме новост која ќе придонесе за забрзан и поефективен процес во делот на административна проверка. Пристигнатите предлог проекти директно ќе одат на евалуација кај домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Сите проекти кои ќе добијат проценка оценка од минимум 51 бод одат во следна фаза. Проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции кое е независно тело составено од 5 меѓународни експерти, посочи Петров.
Административната проеверка на испратените документи при аплицирање ќе биде правена само на првичните лица на избрани предлог проекти од страна на Комитетот. Втората новост е тоа што за одбиените апликанти за првпат нудате нова менторска програма со цел да ги доразвијат своите проекти и да аплицираат во иднина.
Вицепремиерот Битиќи ги охрабри на повикот да аплицираат сите мали, микро и средни компании. Трговските друштва и приватните здравствени установи кои се потенцијални корисници и припаѓаат на микро и малите компании, појасни, треба да обезбедат 30 посто од средствата, а доколку се во средни фирми потребно е да обезбедат 40 посто од средствата за реализација на проектите, а останатото ќе се обезбеди од Фондот.
– Во 2020 реализиравме рекордни 65 милиони евра директна финансика поддршка за над 840 компании. За оваа година во буџетот имаме проектирано некаде околу 70 милијарди денари за економки програми кои подразбираат и директна поддршка на инвестициски проекти на компании, поддршка на технолошкиот развој, дигитализација, иновациите, поддршка на технолошкиот развој, производствените процеси, повисока продуктивност, обука за вработените, претприемништво, но и индеректнма поддршка за бизнисот во унапдредување на регулативата, намалување на давачките како и средства за рреализација на капиталните инвестиции во инфраструктурни проекти, заклучи Битиќи.