Османи – Хајаши: Договорот за техничка соработка отвора ново поглавје во односите меѓу двете земји

Од:

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посетата на Јапонија, оствари средба со јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши.

Министрите ја започнаа средбата со потпишување на Договорот за техничка соработка меѓу двете земји, со што се зајакнува можноста за имплементација на јапонската билатерална помош за Северна Македонија, но и збогатување на договорно правната рамка. Дополнително, договорот преставува основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис врските.

Во оваа прилика, Османи упати благодарност за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку бројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во Северна Македонија.

„Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува безмалку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку Јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина – сѐ се тоа области во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата.” – истакна Османи.

За време на разговорите беа разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис врските, при што Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската Иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан. Дополнително, министерот Османи информираше и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЏЕТРО бизнис форумот, како и претстојното учество на Северна Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025.

„За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава. Воедно, учеството на Северна Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025, ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување на нови бизнис партнерства и за привлекување јапонски инвестиции“, подвлече Османи.

На средбата беше упатена заедничка осуда на руската инвазија во Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено подеднакво влијае и врз азискиот континент, Индо – Пацификот и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.

Воедно, Османи се осврна на претстојните значајни јубилеи – 110 годишнината од раѓањето на Кензо Танге во 2023 година и 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи во 2024 година, што претставуваат убава можност со пригодни заеднички настани да ги одбележиме досегашните достигнувања и успеси во билатералните односи меѓу двете земји.

Би можело да ве интересира

МНР ќе упати порака за претпазливост до македонските државјани во Израел, нема нови барања за евакуација

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

МНР формираше кризен штаб: Македонските државјани може да заминат од Израел само преку аеродромот во Тел Авив

Орце Костов

МНР апелира да се избегнуваат патувања во Израел и регионот

Македонската амбасадорка итно повикана во бугарското МНР: „Лажни се изјавите на македонските политичари“

Орце Костов

МНР го осуди нападот врз цивилите во Газа: Ова е кршење на меѓународното право

Орце Костов