Околу 550 трговци закупиле простор за Кавадаречки панаѓур што почнува утре и ќе трае три дена.
Како што информира инспекторот за животна средина и комунални работи од Општината, Јованче Колев, интересот за поставување тезги бил многу поголем, но поради ограничениот простор издадени се 550. Трговците ќе плаќаат по 1.600 денари за квадратен метар.
На традиционалниот панаѓур ќе се продава храна, облека и обувки, покуќнина, алати и играчки, садови за преработка на грозје во вино и ракија и слично, а во делот кадешто ќе се одржува, сообраќајот ќе биде редуциран.
Претходно, локалната самоуправа спроведе јавна анкета, дали да има панаѓур или не зашто кавадаречките трговци се против поради нелојална конкуренција, а населението сака за да купи поевтини производи. Вкупно 79 проценти од оние кои гласале во анкетата, се изјасниле дека сакаат да продолжи традиционалната манифестација.