Охридските туристички работници очекуваат солидна посетеност на Охрид за престојните велигденски празници. Според последните податоци засега исполнетоста на сместувачките капацитети на Охридската ривиера изнесува некаде просечно околу 60 проценти, со тоа што одредени капацитети се целосно исполнети.
Според податоците од самите хотелиери, речиси стопроцентна исполнетост имаат хотелите „Климетица“, „Силекс“, „Метропол“. Кај останатите сместувачки објекти засега забележана е половична исполнетост, така што останува да се надеваат на гости кои во последен миг ќе се решат празниците да ги минат во Охрид.
Крсте Блажески, потпретседателот на ХОТАМ изјави дека според досега закупените соби и продадени аранжмани, најбројни оваа година во Охрид за Велигден ќе бидат гостите од Бугарија, потоа следуваат оние од Грција, Србија, Албанија и во помал број од останатите држави.
Кога станува збор за туристичките агенции во градот, нивните очекувања се во насока на просечна посетеност, а најбројни и овојпат ќе бидат домашните гости, како и туристите од земјите од опкружувањето, иако ќе има и гости од европските држави.
Кај приватните станоиздавачи нема најави за особен интерес за претстојните празници, независно што по традиција Охрид бил солидно посетен за Велигденските празници, во најголем број со гости кои имат свои станови во градот и туристичките населби.
Кога станува збор за нашите гости односно туристите од Македонија, претставниците на туристичките агенции сметаат дека интересот за посета на Охрид постои, а тој особено е голем за велигденските празници, но сето тоа во најголема мера ќе зависи од временските услови.