Одржана 40. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка

Од:

Клубот на истражувачи формиран од Народна Банка вчера ја одржа 40-тата сесија во виртуелен формат.

-Ова е еден мал јубилеј, на којшто за жал, поради пандемиските околности, повторно се сретнуваме виртуелно. Но, тоа што нѐ радува е што и во ваков нов модел на живеење и работење наметнат од пандемијата, интересот за истражувачката работа не стивнува, ниту, пак, е помала желбата за согледување на најновите наоди и заклучоци и за заедничка проактивна дискусија, преку Клубот како форма на презентација и дискусија што ја поврзува нашата истражувачката заедница, истакна Ана Митреска, вицегувернерката на Народната Банка.

За време на сесијата беа презентирани два истражувачки труда за „Продуктивноста и излезот на фирмите за време на ковид-19: Анализа од повеќе земји“, од Силвија Муци, Филип Јолевски, Кохеи Уеда и Доменико Виганола и „Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија“, од Александар Костадинов.

Јолевски кој го презентираше првиот труд, истакна дека со користење микроподатоци на ниво на фирми за 31 економија, во анализата е дојдено до заклучок дека кај помалку продуктивните фирми е помала веројатноста за опстанок во криза.

Тој ја презентираше и тезата за силна и негативна релација меѓу затворањето на фирмите и нивната дигитализација и иновациите, што како што истакна, е особено важно за помали фирми, потврдувајќи ја важноста на приспособувањето кон пазарните промени како фактор за опстанок на фирмите.

Анализата покажува дека постои негативен однос помеѓу опстанокот на фирмите и отежнатата бизнис-клима, како и помеѓу затворањето на фирмите и должината на периодот на нивното постоење.

Вториот презентиран труд, „Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија“ на Александар Костадинов, се однесува на примената на новите технологии за аналитички цели, како актуелен, современ тренд во научноистражувачката работа, коишто овозможуваат релативно брзо и лесно прибирање податоци од разни нетрадиционални извори, снимање големи сетови податоци во реално време, нивно систематизирање и обработка.

За време на истражувањето, Костадинов нагласи дека анализирана е побарувачката на занимања од повеќе од 6000 огласи за работа преку интернет, објавени во еден од популарните портали за работа во земјата. Податоците се собрани во текот на една година, при што се обработени и категоризирани согласно класификацијата ISCO-08.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во декември, а Народната банка ќе објави и нов повик за истражувачи, за презентирање трудови на сесијата.

Би можело да ве интересира

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

Во Македонија се помалку се плаќа во кеш: Раст од 20 отсто кај плаќањето преку мобилен

Орце Костов

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата и натаму ќе се намалува, но потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови