Од утре и официјално стартува грејната сезона.
Топлификација најави дека ќе го вклучи на системот и ќе дистрибуира топлинска енергија до сите домови во Скопје каде што има парно.
Но започнува и она од што стравуваа и негодуваа граѓаните. Од ноември сметки ќе добијат и оние кои се откажаа од услугите на Топлификација, а во нивниот објект за колективно домување има станари кои се приклучени на ситемот. Без да користат никаква услуга, овие граѓани ќе треба да плаќаат помеѓу 8 и 10 денари за метар квадратен. Доколку имате стан од 60 метри квадратни, иако не се греете на парно, месечно ќе треба да платите меѓу 500 и 600 денари.
Првата сметка ќе ја добиете во ноември а ќе се однесува за 15 дена од октомври, од кога стартува грејната сезона. Последната сметка ќе ја платите кога на пролет кога ќе заврши грејната сезона, што значи дека во текот на летото, овие сметки нема да се плаќаат.
Од ова можете да се спасите, доколку 80 проценти од станарите ви дозволат да се исклучите од Топлификација.
Здружението „Аман“ веќе два месеца организира протести против новите цени на електричната и топлинската енергија и бара промени на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика. Тие бараат и надзорна расправа во собранието за ова, но досега нема интерес од пратениците за ваква дебата. И протестите се слабо посетени, а синдикатот не се изјаснува дали ги подржува поскапувањата , кои се веќе сериозен удар врз стандардот.