ТАВ Македонија најави дека од утре стартува директната авиолинија Скопје – Москва. Првиот лет на руската авиокомпанија „Нордвинд“ од Москва во Скопје треба да пристигне утре попладне во 17 часот и 10 минути.
Отворањето на новата авиолинија официјално ќе го одбележат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, амбасадорот на Руската федерација, Сергеј Баздникин и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак кои по пристигнувањето на првиот лет од Москва на Меѓународниот аеродром Скопје ќе дадат изјави за медиумите.
Воспоставувањето на директната линија Скопје – Москва првично беше најавено за 21 мај 2021, но „Нордвинд“ го одложи поради, како што соопшти, епидемиолошката состојба.
Новата линија ја поздрави и директорот на ТАВ Македонија, Батак
-Во ТАВ Македонија сме многу среќни што Нордвинд одлучи да почне со летови на релација Москва-Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска помеѓу Северна Македонија и Русија, по 20 години пауза на воздушната врска меѓу двете земји. Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од голема корист за бизнис-патниците и за оние кои патуваат од туристички причини“, изјави Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.
Новата редовна директна авиолинија меѓу Москва и Скопје, според најавите на „Нордвинд“, требаше да се одвива еднаш неделно, секој петок попладне со време на поаѓање од Меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во 14 часот и 45 минути и време на пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје во 17 часот и 10 минути. Со неа практично, по 20 години пауза повторно се отвора воздушната врска меѓу двете земји.