Компанијата Трафигура, позната на македонската јавност по инвестицијата поврзана со проектот за бакар Иловица-Штука, повторно се најде во фокусот на глобалниот бум на критичните минерали.
Американското Министерство за енергетика додели 500 милиони долари за седум проекти што треба да го зголемат домашниот ископ и преработка на критични минерали, производството на батерии и рециклирањето.
Меѓу добитниците е Nth Cycle, компанија поддржана од Трафигура, која ќе добие средства за развој на објект за преработка на „црна маса“ – отпад од батерии богат со никел, литиум и други минерали.
Поддршката доаѓа во време на засилена глобална конкуренција за критични суровини. Само во март, Nth Cycle потпишала 10-годишен договор со Трафигура вреден околу 1,1 милијарда долари за испорака на никел и литиум, што според анализата на Ројтерс се вклопува во напорите на владите и компаниите да ја намалат зависноста од Кина.
Американската политика кон критичните минерали така сè повеќе се фокусира на домашно производство, преработка и рециклирање, наместо на зависност од увоз.
Групацијата Трафигура, во чие портфолио во фокус се и критичните минерали, е мнозински акционер во „Еуромакс ресоруцес“, која е носител на проектот за рудник за бакар во Иловица. Инвестицијата е во застој и покрај фактот дека бакарот се смета за еден од најкритичните минерали, потребен во повеќе индустрии, а особено важен за одбраната и зелената транзиција.
Инаку, како што соопштија од американското Министерство за енергетика (DoE), избраните проекти ја унапредуваат агендата на претседателот Доналд Трамп за зајакнување на домашните синџири на снабдување со критични минерали во Америка, намалување на зависноста од странски извори, зајакнување на националната безбедност и унапредување на американската енергетска доминација. Во Македонија пак, се актуелизираше соработката со американското Министерство за енергетика откако преку Стратешкиот дијалог со САД, на компанија и беа доделени пет милиони евра за геолошки истражувања за антимон недалеку од Крива Паланка.
„Предолго време Америка зависеше од странски актери во снабдувањето со критичните материјали кои се неопходни за современиот живот, кои ја поткрепуваат нашата економија, енергетската безбедност и националната безбедност. Претседателот Трамп ја надминува таа зависност, преку обезбедување на наши синџири на снабдување со критични минерали, ослободување на американската индустрија и враќање на производството и преработката на критични материјали во Соединетите Држави“, изјави американскиот секретар за енергетика Крис Рајт.
„Министерството за енергетика презема решителни мерки за да ги обезбеди критичните синџири на снабдување неопходни за напојувањето на нашата нација. Овие проекти ја нагласуваат посветеноста на Министерството за енергетика за поттикнување на иновациите, намалување на зависноста од странски извори и промовирање на американската енергетска доминација“, изјави помошничката секретар за енергетика, Одри Робертсон.
Како што се додава во соопштението, критичните минерали и материјали се од суштинско значење за американската индустрија, за производството на енергија и за националната безбедност.
Проширувањето на домашниот капацитет ќе помогне ресурсите што ѝ се потребни на Америка да се преработуваат, произведуваат и рециклираат во Соединетите Американски Држави.
