На пакуваните полуготови ќебапчиња и плескавици што може да се купат во маркетите или месарниците, од 1 мај годинава ќе мора да пишува колку протеини и вода имаат, кои адитиви ги содржат, дали се направени од свежо или замрзнато месо,…
Ова се само дел од обврските што ги наметнува новиот Правилник за мелено месо со кој, како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, ќе се гарантира правото за информирање на потрошувачите, но и ќе се спречат евентуалните малверзации од аспект на тоа што купуваме и јадеме.
Со Правилникот е точно утврдено кои категории месо може да се употребуваат за производство на одредени производи. На декларациите, покрај протеините, ќе се наведуваат и содржината на колаген во протеините од месото, а ако се работи за замрзнато месо, ќе стои и кога е замрзнато, не само кога е спакувано.
-Ова практично ќе значи детално информирање на купувачите за тоа каква храна купуваат и консумираат. Задолжително ќе биде декларирањето на потеклото на месото, наведувањето дали производот е од свежо или замрзнато месо, колку од вкупните протеини се животински, односно колку од животинските се колагени кои имаат пониска нутритивна вредност. Тука се можни економски добивки, преку вметнување повеќе колагени и нивно прикажување како протеини, нагласи диекторот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.
Според него, досега на декларацијата не го пишуваше процентот на вода во месото, а токму додавањето вода е класична злоупотреба – плаќате месо, добивате вода.
-Многу е важно купувачите да имаат увид во критериумите за означувањето на месото и преработките од месо. Сепак, повторно се останува на нивниот избор, какво месо ќе купат, но унапредување има, истакна претседателката на Организацијата на потрошувачи Маријана Лончар Велкова.
Од почетокот на годинава досега не е поднесена ниту една претставка до АХВ за квалитетот на месото.
АХВ најавува засилени инспекциски контроли со кои ќе се утврдува дали се почитуваат новите допрецизирани стандарди во Правилникот што треба да ги исполнат операторите со храна.