Авиокомпанијата „Чех ерлајнс“ денеска ја обнови редовната линија Скопје-Прага, укината пред четири години. Најави дека од 1 јули до 9 септември годинава ќе реализира чартар летови за „АСА тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит. Таа активност ќе се реализира поврзано со летовите Скопје – Прага.
Првиот лет од Прага беше пречекан ноќеска со традиционален поздрав со воден мост на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, по што во три часот изутрина авионот полета за Прага.
Чех ерлајнс“ ќе лета до Прага од Скопје секој понеделник и петок во 3:30 часот наутро. Од 29-ти следниот месец авиокомпанијата ќе опслужува уште еден термин на таа рута, во среда во 4:10 наутро. Повратните летови ќе се реализираат од Прага секој четврток и недела навечер, во 22:25 по локално време, со пристигнување во Скопје на полноќ. Од 28 јуни превозникот ќе додаде повратен термин со полетување од Прага во 22:25 часот и во вторник.
Цената на билетите во еден правец од Скопје до Прага почнува од 75 евра, а на повратните 144 евра, со сите вклучени такси.
– Задоволен сум што се оствари нашата намера да се обнови редовната врска меѓу Скопје и Прага, што официјално ја најавивме на почетокот на декември. На патниците им нудиме привлечни денови за летање, што опфаќа утрински полетувања од Скопје и вечерни заминувања од Прага, односно се обезбедува максимална употреба на престојот во Чешка. Ова ќе им одговара и на туристичките и на бизнис, како и на корпоративните патници, изјави Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“.
Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“, со директната линија до Прага очекува поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија, повеќе чешки туристи и зголемување на карго-превозот.
– Досега од скопскиот аеродром имаме поврзување со 35 дестинации. Учеството на нискобуџетските компании е околу 60 проценти, од кои најгоемиот дел на „Виз Ер“ со 50 проценти. Сите компании, вклучувајќи ги и редовните и нискобуџетните, имаат пораст во текот на оваа година, изјави Крстевски.
Според податоците на концесионерот „ТАВ Македонија“, во првите четири месеци од годинава преку двата македонски аеродрома во Скопје и во Охрид се превезени 486.968 патници, што е пораст од 28 проценти споредено со истиот период во лани. Бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.