Резултатите од предфизбилити студијата за рудникот за бакар и злато Иловица, кај Струмица, го потврдиле економскиот потенцијал на проектот, соопшти денеска Еуромакс рисoрсис (Euromaks Resources Ltd), концесионер на рудникот. Изградбата е предвидена за 2016 година, а почетокот со работа за 2017 година.
Според најавите, проектот Иловица треба да вработи до 400 луѓе, а инвестицијата треба да достигне околу 500 милиони долари. Истовремено, објавени се и нови резерви руда на проектот кои вкупно изнесуваат 225 милиони тони со содржина од 2,45 милиони унци (69,5 тони) злато и 905 милиони фунти (411 илјади тони) бакар.
Проектот Иловица ќе има годишен капацитет од 10 милиони тони руда и годишно ќе произведува просечно по 95.000 унци (2,7 тони) злато и 16.000 тони бакар, при што животниот век на рудникот се предвидува да трае 23 години.
За натамошен развој на Иловица, Еуромакс формирале Технички советодавен комитет („ТСК“), кој има задача да обезбеди ефикасно спроведување на проектот и да го надгледува напредокот на проектот преку целосната физибилити студија и деталното проектирање до изградбата која се предвидува за 2016 година.
– По извршената работа во 2013 година за дефинирање на зголемените минерални ресурси, задоволни сме што предфизибилити студијата за проектот Иловица дефинира финансиски атрактивен проект. Студијата ги потврди нашите следни чекори во развојот на проектот. Сега сме во одлична позиција да продолжиме со работа на целосната физибилити студија, а потоа и на деталното проектирање, за да ја исполниме нашата амбиција да го изградиме и да управуваме со првиот голем модерен рудник во Македонија, изјави главниот оперативен директор на Еуромакс Пат Форворд.
Стив Шарп, претседател и главен извршен директор на Еуромакс, оценува дека Иловица значително ќе го зајакне економскиот профил на Македонија.
– Огромната локална, национална и меѓународна поддршка за проектот нé става во значајна позиција за негов сигурен развој. Наша непосредна задача е менаџерскиот тим да обезбеди спроведување на стабилен пакет за финансирање и управување со подготвителниот процес за да се осигури почетокот на изградбата во 2016 година и почетокот на производството во 2017 година. Токму во овие области е нашата најсилна страна како резултат на експертизата и претходното искуство со кои располагаме, изјави Шарп.
Во изработката на предфизибилити студијата, според соопштението, работеле домашни и странски експерти, вклучувајќи и експерти од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје кои биле фокусирани на проектирањето на хидројаловиштето.
Странските експерти од Tetra tech работеле на геологијата, ресурсите, подготовката на минералните суровини и инженерингот, инфраструктурата, хидрогеологијата и хидрологијата, a од ACA Howe International на експлоатацијата и резервите и на инфраструктурата на рудникот.