Општина Кочани објави јавен оглас за избор на најуспешен земјоделец – производител на ориз за 2018 година што во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз” ќе се одржи на крајот на септември.
Право да конкурираат за наградата имаат сите производители на ориз, жители на општината, ако се со регистрирана земјоделска дејност.
Изборот на најуспешен земјоделец ќе го спроведе посебна општинска комисија преку бодување во зависност од исполнувањето на дадените критериуми, меѓу кои количина на произведена арпа од единица површина, примена на современи методи во одгледувањето и остварени приходи на земјоделецот за минатата година.
Наградата е парична и изнесува 60.000 денари, а средствата се обезбедени од буџетската сметка на општина Кочани.
Изборот на најуспешниот земјоделски производител се организира деветти пат, а целта е да се стимулираат регистрираните земјоделци да го унапредуваат производството на ориз, како основна земјоделска култура на регионот.