Владата ќе објави нов јавен повик за пријавување интерес за ангажирање на раководни функции за 99 позиции на централно и локално ниво. Денеска огласот ќе биде објавен на веб страната на Владата, а во текот на утрешниот ден и во некои од јавните гласила.
Огласот ќе трае до 5. јули и на него ќе можат да се пријават сите граѓани кои смета дека ги исполнуваат условите во јавниот повик и дека можат да придонесат за исполнување на зацртаните реформи и реализаццијата на зацртаните проекти, како на централно така и на локално ниво.
Јавниот повик се однесува за местата каде што има вршители на должност раководител, испразнета позиција на раководителот или пак на раководителот му истекува мандатот до крајот на 2013 година.
На огласот се нудат местата на директор на ЈП за патишта, Државнот инспекторат за урбанизам и градежништво, член на управен одбор и извршен директор на М-НАВ, некои од раководните места во МЕПСО, секторски директори во рамките на ФЗО и повеќе економски и медицински директори на јавните здравствени установи меѓу кои 18 економски и седум медицински директори во Универзитетските клиники.
Новина во огласот, како што истакна портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, е што првпат се нудат места за раководителни на подрачните единици со што се смета дека на огласите ќе можат да се јават лица кои живеат во тие региони и кои сметаaт дека може да придонесат за развој на локалната самоуправа.
На подрачно ниво се нудат места за пополнување на раководните функции во по девет подрачни единици во Управата за имотно-правни односи и Катастарот, 18 директорски подрачни позиции во ЈП Македонски шуми, 14 подрачни единици и одделенија во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, четири подрачни одделенија на Бирото за развој на образованието, три од Агенцијата за вработување на Република Македонија и 10 подрачни единици од Управата за водење на матична евиденција.
– Владата на Република Македонија апелира до сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат условите и кои поседуваат способности, а и желба, мотив и енергија за извршување на вакви раководни функции да аплицираат. Еднакви се шансите и опциите за сите, нема да има никаква дистинкција. Сите граѓани без разлика на национална, верска, полова и социјална припадност се добродојдени и ги охрабруваме да пријават интерес и да се стекнат со можноста да управуваат со определена раководна функција на централно или, пак, на подрачно ниво, рече Ѓорѓиев.
На првиот оглас аплицирале над 2.000 лица. Започната е фазата за разгледување на пријавите, а за некои и фазата на интервјуа.
За седум до десет дена, како што кажа Ѓорѓиев, треба да заврши разгледувањето на кандидатите за амбасадори и конзули, а потоа да се разгледаат и апликациите за другите објавени огласи за кои краен термин за донесување одлука е крајот на годинава. Првиот оглас беше за над 130 раководни места.