Нора Алити: Политичка стабилност и правна сигурност за развој на пазарот на капитал

Од:

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, смета дека пазарот на капитал, гледано во целина, може да се оцени како сè уште недовршена приказна.

Таа учествуваше на тркалезната маса „Идната улога на пазарите на капитал во мали и отворени економии“, на која дебатираа експерти, банкари и најрелевантните на пазарот на капитал, нудејќи предлози и насоки за идниот развој на пазарот на капитал во пресрет на евро-атлантските интеграции.

„За разлика од банкарскиот сектор, кој има долга традиција и е познат како за бизнис-секторот, пазарот на капитал е ‘новина’ за нашата држава“, рече Алити, но, сепак, додаде дека во изминатите години тој е поставен на една солидна основа.

„За развој на пазарот на капитал, како впрочем и за секој друг финансиски пазар најпрво треба да има политичка стабилност и правна сигурност, а потоа сè друго. Изминатиов период кога полека, но сигурно се враќа довербата на граѓаните во нашиот пазар на хартии од вредност можеби е неповторлив момент кој многу лесно може да биде срушен со најавеното оданочување на капиталните добивки во комбинација со девизната либерализација и можноста за инвестирење на капиталот на домашните инвеститори на странските пазари на капитал. Се надевам дека Министерството за финансии ќе го послуша гласот на индустријата и ќе ја поддржи иницијативата за продолжување на даночните ослободувања на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност за физичките лица, со оглед на тоа што во годините кога се наплаќаше данокот на капитална добивка буџетскиот ефект беше многу мал“, заклучи Алити.

На дебатата меѓу другите обраќање имаше и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, од кого беа пренесени перцепциите и плановите на странските инвеститори за влез со капитал во нашата земја, но и се презентираа идните трендови на регионалните пазари и истовремено се адресираа актуелните предизвици на пазарот на хартии од вредност.

Тркалезната маса се организира во период на интензивна подготовка на нова законска регулатива за пазарот на капитал која треба да биде согласно европските директиви и во период кога се очекуваат позитивните ефекти од целосната интеграција на земјава во НАТО.

Би можело да ве интересира

КХВ ја одобри првата општинска обврзница на домашниот пазар на хартии од вредност

„Генерали инвестмент“ ја купува „Илирика фонд менаџмент“

Ана Ололовска

Алити-Кочи: Засилна соработка меѓу Комисијата за хартии од вредност и албанската агенција

КХВ: Проширена дозволата за работење на брокерската куќа “Инвестброкер“ со нови услуги