Министерството за економија подготвува измени на Законот за трговски друштва. Во новиот предлог закон се предвидува повеќе да не може да се регистрира фирма на домашна адреса.
Според објавата за дополнување на Законот за трговски друштва во Службен весник, измените предвидуваат дека за регистрирана фирма мора да се поседува или изнајми деловен простор.
Според измените доколку таксист со регистрирана фирма како Друштво со ограничена одговорност на едно лице (ДООЕЛ) адреса е неговиот дом, со предлогот од економија, таксистот ќе мора да купи или изнајми деловен простор за да продолжи со дејноста.
“Целта на предложените дополнувања на Законот за трговските друштва е воведување одредби со кои ќе се предвиди обврска за трговските друштва, седиштето на фирмата да мора да се регистрира во деловната просторија, во негова сопственост или во негово владение“, стои во предлог законот доставен од економија до Собранието.
Министерството ја овластува Законодавно-правната комисија на Собранието да утврди пречистен текст на Законот за трговски друштва.
Дополнителен проблем претставуваат низа фирми од земјава кои работат он лајн и кои со измените нема да може да функционираат на адреса која е иста со онаа на сопственикот на фирмата.
Предлог законот сега налага за сите овие фирми да имаат посебна адреса-деловен простор кој не се наоѓа на иста адреса со таа на сопственикот.
Според оние кои го контактираа А1он а се засегнати од измените на Законот за трговски друштва, ова ги поткопува заложбите на Владата за започнување сопствен бизнис.
Економија во предлог законот пишува дека измените немаат импликаци по министерството, но никаде не навеле колку пари тоа ќе ги чини фирмите кои се опфатени со дополнувањата.