Во јули 2022 година, според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ̶ потрошувачките и станбените кредити, е забележан раст од 0,4% и 0,8% на месечна основа, соодветно, при годишен раст од 6,4% и 13,5%, соодветно, покажаа новите податоци на Народната банка.
Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен и годишен пад од 1,4% и 6,4%, соодветно. Во јули, кредитите одобрени на кредитни картички забележаа месечен раст од 0,2%, при годишен пад за 1,6%.
Негативните салда на тековните сметки во јули се намалени за 1,3% на месечна основа, при годишен раст од 2,6%, додека кредитите одобрени врз други основи, забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и 19,1%, соодветно.
„Во јули, вкупните кредити на домаќинствата остварија месечен раст од 0,5%, во поголем дел под влијание на зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, кредитите на домаќинствата бележат раст од 7,6%, којшто во услови на повисоки кредити во денари и во странска валута, е поизразен кај кредитирањето во денари.
Вкупните депозити на домаќинствата, во јули, се повисоки за 0,4% на месечно ниво. Промената се должи на растот на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните и долгорочните депозити во денари бележат пад. На годишна основа е забележан раст од 5,2%, во најголем дел под влијание на повисоките краткорочни депозити во странска валута, при забележан раст и на долгорочните депозити во странска валута и депозитните пари, а при остварен пад на долгорочните и краткорочните депозити во денари“, соопшти НБРМ.
Во јули 2022 година, вкупните депозити се зголемени за 0,9% на месечна основа, поради растот на депозитите кај двата сектора, којшто е поизразен кај корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 2,3% и во целост се должи на повисоките депозити на секторот „домаќинства“.
Минатио месец кај вкупните кредити е забележан месечен раст од 0,5%, како резултат на зголеменото кредитирање кај двата сектора, при малку поголем придонес на кредитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,7%, во поголем дел под влијание на растот на кредитирањето на корпоративниот сектор.