НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Од:

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка вчерашната седница оцени дека каматната стапка на благајничките записи треба да биде задржана на нивото од 6,30%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно, соопшти НБ.

На седницата на Комитетот е оценето дека тековнaта поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Воедно, на крајот на февруари беше донесена одлука за промени во поставеноста и начинот на одржување на задолжителната резерва. Одлуката опфаќа сет од сеопфатни мерки, коишто ќе се применуваат во фази, но во најголем дел од јуни 2024 година и се главно насочени кон натамошна поддршка на процесот на денаризација и зголемување на долгорочното штедење во банкарскиот систем. Се очекува дека тековното ниво на каматните стапки, заедно со промените направени досега кај задолжителната резерва и со преземените макропрудентни мерки, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и за задржување на стабилноста на девизниот курс.

Во услови на поволен девизен пазар, главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата на историски ниските нивоа и инфлациските очекувања на потрајна основа, а имајќи ги предвид ризиците.

Домашната инфлација забавува и во февруари 2024 година се сведе на 3% на годишно ниво, при значително намален притисок од цените на храната и енергијата, но и пониски ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Стапката на инфлација во февруари е блиску до онаа во еврозоната. Цените на примарните производи на берзите и натаму надолно се приспособуваат, а воедно и прогнозите за следниот период се надолно ревидирани. Остварувањата кај инфлација од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат. Имено, сѐ уште отсуствува поизразен пренос на берзанските движења врз домашните цени кај храната, а постои и неизвесност поради актуелните воени конфликти, како и поради престанокот на привремените мерки за дел од домашните прехранбени производи. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на политиките, вклучително и на политиките што делуваат врз побарувачката во економијата. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во март повторно беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на февруари изнесува 4.348,1 милион евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Движењата на девизниот пазар се поволни, при умерено намалена нето-побарувачка од корпоративниот сектор и натамошен висок прилив на девизи на менувачкиот пазар. Расположливите податоци од надворешниот сектор за првиот квартал од годината сѐ уште се ограничени и недоволни за попрецизна оцена. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања во четвртиот квартал од 2023 година е значително понизок од очекуваниот во согласност со октомвриската проекција, при истовремено пониски остварени нето финансиски приливи.

Остварениот економски раст во последниот квартал на 2023 година, како и за целата година, е под проектираниот, што упатува на посилно забавување на економскиот раст од очекуваното. Имено, реалниот раст на домашната економија во 2023 година изнесува 1%, при раст на БДП во четвртиот квартал од годината од 0,9% на годишна основа. Анализирано по компоненти, растот во последниот квартал произлегува од нето-извозот, надополнет со натамошниот солиден раст и од личната потрошувачка, а умерен придонес има и јавната потрошувачка. Бруто-инвестициите и натаму бележат висок реален пад, под влијание на падот на залихите поради високата споредбена основа од минатата година, што е поврзано со зголемените залихи на суровини и енергенти. Високофреквентните податоци за првиот квартал од 2024 година со кои се располага во моментов се ограничени. Засега, податоците за јануари покажуваат солиден раст на индустриското производство, додека прометот во вкупната трговија бележи реален пад. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, според првичните податоци за февруари 2024 година, депозититe и натаму растат, малку посилно од очекувањата, но забрзува и кредитната активност на банките, со годишен раст којшто засега е над проекциите за крајот на првиот квартал.

Сѐ на сѐ, амбиентот за водење на монетарната политика е умерено поповолен од очекувањата, сепак налага натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и инфлациските очекувања и претпазливост во однос на водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата, вклучително и преку пазарот на труд. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, се наведува во соопштението од Народната банка.

Би можело да ве интересира

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: Народната банка дава поддршка за развој на младите

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Годишен раст на зелените кредити од 26 отсто во првиот квартал од 2024 година

Народна банка предупредува за измами: Не давајте лични податоци на лица кои лажно се претставуваат

НБ: Основната каматна стапка останува 6,30%, економскиот раст и инфлацијата во рамки на очекуваното

Викторија Глигорова од Народната банка: Банкарскиот систем во нашата земја и натаму е сидро на стабилноста

A1on