Индустриското производство во првите 11 месеци од годинава е за 3,4 отсто повисоко во споредба со истиот период лани, а во ноември годинава е за 4,9 отсто пониско во однос на минатогодишниот ноември.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во ноември 2016 година, во споредба со ноември 2015 година, бележи опаѓање од 16,8 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 5,7 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 21,6 отсто.
Производството во ноември, пак, бележи пораст кај индустриските групи Енергија за 8,5 проценти, Капитални производи за 4 и Трајни производи за широка потрошувачка за 2,3 проценти, додека опаѓање има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 7,5 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 10,2 процента.
Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија, според ДЗС е резултат, пред се, на намаленото производство во одделите Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема и Производство на мебел.