До крајот на оваа недела, односно заклучно со петок 31 јули, трае рокот за поднесување барања за субвенции за Програмата за директни плаќања 2020 година. Како што појаснуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади.
До крајот на месецот, како што наведуваат, барање за добивање на финансиска поддршка може да достават и сите кои се занимаваат со сточарско производство, односно, одгледуваат говеда, овци, кози, пчели, свињи, а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица.
Барањата за добивање финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите со регистрирање системот на веб страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој www.ipardpa.gov.mk.
Оние земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош при пополнување на електронските барања, можат да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во целата држава, кои им стојат на располагање за се што ги интересира во врска со поднесувањето на барањата.
На веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што соопштуваат, се објавени телефонските броеви на раководителите на сите подрачни единици на МЗШВ, со цел земјоделците да имаат можност и телефонски да побраат помош.