Словенија ја преживува една од најголемите економски рецесии во еврозоната, но таа може да излезе од кризата и без меѓународна помош, доколку ги спроведе потребните реформи, изјави денеска шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во Словенија, Антонио Спилимберго.
Доколку Словенија храбро ги спроведе сите реформи, тоа би требало да биде доволно за да ги смири пазарите, појасни Спилимберго на прес-конференција со словенечкиот министер за финансии Јанез Шуштершиќ и гувернерот на Централната банка на земјата Марко Краниец.
Спилимберго ја спореди положбата на земјата со лет на авион, кој минува низ зона со силни турбуленции и кој треба во лет да смени некои од моторите.
Еден од тие мотори е финасискиот сектор. Половина од тој сектор е државен…тој насобрал сомнителни кредити, додаде шефот на мисијата на ММФ во Словенија.
Тој го поздрави нацрт-законот за создавање на „лоша банка“, со цел да се одделат т.н. токсични активи од билансот на банките, кој Владата го претстави пред Парламентот.
Спилимберго ја повика Владата на премиерот Јанез Јанша да ја почне приватизацијата на банките и на компаниите, кои се во државна сопственост и да ги воведе во пракса реформите на пензискиот систем и пазарот на труд.