ММФ: Македонската економија се опоравува, од суштинска важност намалување на емиграцијата и поттикнување на продуктивноста

Од:

Македонската економија бележи опоравување по зголемувањето на цените на храната и енергенсите предизвикани од руската војна во Украина. Економската активност во 2023 година беше придвижувана од значителниот извоз како и од намалениот увоз на енергија и таа се движи во насока на зајакнување во 2024 година, оценуваат од Меѓународниот монетарен фонд во соопштение откако Извршниот одбор ги заокружи консултациите во врска со членот IV за 2023 година и го заврши првиот преглед во рамки на аранжманот за претпазливост и ликвидност (PLL) за Северна Македонија.

Во соопштението што денеска го сподели Канцеларијата на ММФ во државава, се укажува дека намалување на емиграцијата и поттикнувањето на продуктивноста се од суштинска важност за повторно забрзување на конвергенцијата на приходите со оние од Европската унија и оти справувањето со овие предизвици, меѓу другото, бара подобрување на деловното опкружување и на владеењето на правото.

-Завршувањето на прегледот им овозможува на властите да имаат пристап до 161,35 милиони специјални права на влечење (SDR) (еквивалентно на околу 200 милиони евра според сегашниот курс или 115 проценти од квотата). Властите имаат намера да повлечат 119,26 милиони специјални права на влечење (или 85 проценти од квотата), а преостанатиот износ да го третираат како сигурност за цели на претпазливост од надворешни шокови, се наведува во соопштението.

Од ММФ оценуваат дека успешното завршување на првиот преглед претставува значаен чекор во насока на зајакнување на економската отпорност на Северна Македонија.

– Властите напредуваат во насока на целите на Инструментот за претпазливост и ликвидност (PLL), што вклучува заштита на јавните финансии, намалување на енергетските субвенции, справување со високата инфлација и обезбедување финансиска стабилност. Фискалната консолидација планирана за 2024 година има за цел да го донесе Буџетот поблиску до прагот од 3 проценти од БДП согласно Законот за Буџетите на Северна Македонија. Дополнително на ова, таа има за цел да изгради бафери во случај на потенцијални надминувања на трошоците предвидени за изградба на патните коридори 8 и 10-д како и за други трошења. Мерките кои неодамна беа преземени ќе ја намалат
ранливоста на буџетот од ненадејни зголемувања на енергетските субвенции, оценува ММФ.

Според ММФ, планираното зголемување на јавните инвестиции, пред сè започнувањето на изградбата на патните коридори 8 и 10-д, дополнително ќе го поттикнат економското опоравување.

-Иако инфлацијата и понатаму претставува предизвик, таа значително се намали поради пониските цени на енергенсите и храната на глобално ниво, во комбинација со монетарното затегнување. Подобрениот надворешен трговски биланс, кој делумно се припишува на острото намалување на глобалните цени на енергијата, заедно со отпорните странски директни инвестиции, ги одржуваат девизните резерви на адекватно ниво. Банкарскиот сектор и понатаму е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски најниско ниво, посочуваат од ММФ.

Дискусиите во врска со членот IV ставиле акцент на среднорочните предизвици. Северна Македонија, укажува ММФ, бележи забавена конвергенција кон ЕУ во последнава деценија, и тоа најмногу поради недоволното инвестирање, големата емиграција и нискиот раст на продуктивноста. Исто така, изложена е на климатски промени и таа ќе биде под влијание на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на ЕУ (EU-Carbon Border Adjustment Mechanism). Државата има голем потенцијал да ги намали емисиите на јаглерод преку инвестирање во обновливи извори на енергија и деактивирање на старите електрани на јаглен, оценува ММФ.

Бо Ли, заменик директор и претседавач на Извршниот одбор, по дискусиите во рамки на ИО, во пишана изјава оценува дека Северна Македонија се опоравува од двојните шокови предизвикани од пандемијата на КОВИД-19 и наглото зголемување на цените на енергијата предизвикано од руската инвазија на Украина.

-Државата и понатаму се квалификува за Инструментот за претпазливост и ликвидност бидејќи има здрави економски основи и рамки на институционални политики, и исто така спроведува здрави политики. Владата ја исполни целта за остварен дефицит во 2023 година, а неодамна усвои и силен сет на мерки кои материјално ќе ги намалат енергетските субвенции. Властите се посветени на тоа зголемувањето на платите да биде ограничено во рамките на она што е договорено со Општиот колективен договор. Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) значително ја затегна монетарната политика, што ја намали инфлацијата и помогна да се стабилизира девизниот пазар. Во овој контекст, резервите беа зголемени во 2023 година и тие се на здраво ниво. Финансискиот сектор е профитабилен, ликвиден и добро капитализиран, стои во изјавата.

Гледано во перспектива, наведуваат од ММФ, политиките на властите се фокусираат на континуирана фискална консолидација со цел повторно градење на баферите. Во овој контекст, посочуваат дека Собранието донело кредибилен Буџет за 2024 година, кој таргетира остварување на значителна фискална консолидација и истовремено има простор за приоритетни трошења.

ММФ наведува и дека властите и понатаму остануваат посветени на зајакнувањето на даночната усогласеност и зголемување на јавните инвестиции, истовремено управувајќи со поврзаните фискални ризици, вклучувајќи ги и оние кои произлегуваат од проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д. Исто така, дека планираат во целост да ги истиснат нетаргетираните енергетски субвенции, да ја зајакнат поддршката наменета за ранливите домаќинства, како и да ја подобрат енергетската ефикасност. Укажуваат и дека централната банка, НБРСМ, е посветена на понатамошно затегнување на политиката доколку дојде до остварување на инфлациски ризици, и продолжува да работи во насока на зајакнување на механизмот за монетарна трансмисија, подобрувајќи го следењето на ризиците кај банките и супервизијата, како и рафинирање и операционализирање на макропрудентните и рамките за решавање.

Укажуваат дека државава се соочува со значителни предизвици на среден рок и оти намалување на емиграцијата и поттикнувањето на продуктивноста се од суштинска важност за повторно забрзување на конвергенцијата на приходите со оние од ЕУ. Северна Македонија, забележуваат, исто така е изложена на климатски промени и таа ќе биде под влијание на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување на ЕУ (EU-Carbon Border Adjustment Mechanism). Справувањето со овие предизвици, меѓу другото, бара подобрување на деловното опкружување и на владеењето на правото, како и забрзување на зелената транзиција.

Целта на Инструментот за претпазливост и ликвидност, кој беше одобрен во ноември 2022 година и им дава на властите пристап до 406,87 милиони специјални права на влечење (или 290 проценти од квотата), беше да обезбеди достапност на финансиски средства во време на предизвици кога се работи за пристапот до финансиски пазари, истовремено поддржувајќи ги напорите на властите за намалување на енергетските субвенции (фискална ранливост поради енергетскиот шок) и овозможувајќи подобро насочена поддршка наменета за ранливите домаќинства на кои таа најмногу им е потребна, како и консолидирање на јавните финансии.

Според членот IV од Основачкиот акт на ММФ, Меѓународниот монетарен фонд организира билатерални разговори со своите членки, најчесто еднаш годишно. Тим од ММФ ја посетува државата, собира економски и финансиски информации и дискутира со официјалните лица во врска со економскиот развој и политиките на државата. По своето враќање, тимот подготвува извештај кој потоа претставува основа за дискусија во рамките на Извршниот одбор.

Би можело да ве интересира

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ – Го стабилизираме управувањето со јавните финансии, фокусот е на дисциплинирано буџетско трошење, ефикасно прибирање на приходите и економски раст

ММФ: На глобалната економија и се закануваат високи долгови и низок проектиран раст

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка

ММФ: Војната во Украина продолжува да предизвикува загуби, ќе трае најмалку уште една година

Горан Наумовски

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

МФ: ММФ го објави извештајот од Мисијата за член IV и ПЛЛ – Економијата зајакнува поттикната од јавните инвестиции, инфлацијата се намалува, се остваруваат фискалните цели