Грчкото Министерство за финансии ќе запленува плати, пензии, банкарски сметки и други доходи на 2,5 милиона граѓани со задоцнети обврски, соопшти грчкото електронско издание „Њуз ин“.
Целта е да се соберат дел од обврските кон државата, што вкупно изнесуваат 56,4 милијарди евра.
Првично на должниците ќе им се испраќаат писма, во кои ќе се повикуваат да ги исполнат своите обврски. Потоа ќе следат писма со предупредување дека им претстои заплена. Последната етапа ќе е запленување на доходите.
Според информацијата што вчера беше лиферувана низ медиумите, Министерството за финансии предложило да се намали висината на доходите кај кои не може да се прави заплена од 1.000 на 600 евра. Од министерството, меѓутоа, ја демантираа информацијата.
Во текот на овој месец ќе се испратат писма до 2,3 милиона должници со обврски до 3.000 евра; 100.000 должници со обврски меѓу 3.000 и 300.000 евра; 5.770 лица кои должат до еден милион евра и до 1.500 граѓани чии обврски се над еден милион евра.
Околу 6.270 лица со големи обврски на државата и должат вкупно 35 милијарди евра.
Показател за финансиската неможност за покривање на обврските е фактот дека до моментов 550.000 сопственици на имоти не ги платиле сметките за струја. Под закана од запленување се сите кои не го платиле данокот на своите плати, ДДВ, полициски такси, такси на општинската полиција, патни такси.
Даночната служба може да ги заплени доходите на должниците без да ги информира.