Мултиетничкиот синдикат на образованието во Скопје – МЕСО изразува задоволство од вчерашното потпишување на спогодбата за зголемување на платата на рударите на САСА Македонска Каменица.
– Синдикатот МЕСО и јас како претседател на овој синдикат сме задоволни и очекуваме дека дека платата ќе биде покачена и ќе бидат остварени и оние други права што беа поставени при протестот, изјави за МИА претседателот на МЕСО Драге Јовановски.
Тој додаде дека платите ќе бидат покачени и дека зависи само во кој процент.
Според него рударите очекуваат да биде зголемена платата што е можно побрзо во зависност од преговарачкиот тим и во зависност од двете страни.
– Останува обврска на преговарачкиот тим да направи уште еднаш консултации точно да се поднесе предлог односно барање за преговарање за одреден процент за покачување на платата, изјави Јовановски.
Информираше дека е прифатено да се преговара и за други права како што се бенефициран стаж, работното време и други права од Законот за работни односи.
– По однос на другите барања ќе тече процесот на преговарање, бидејќи треба да се направи анализа на работни места, па дури и некои работни места ќе бидат повеќе вреднувани, односно работниците кои с ена тие работни места ќе добијат поголеми плати бидејќи работата се одвива во тешки услови, во јамата. Двојно зголемување да има и по основ на процентуалност и по основ на работни места, но за вториот дел на зголемување ќе треба да се направи анализа и од наша и од нивна страна за да видиме кои работни места не се добро и доволно вреднувани, појасни Јовановски.