Мелничарите се заканија дека нема да откупуваат пченица

Од:

Мелничката индустрија нема да откупува пченица до претстојната жетва и во текот на неа доколку во рок од 30 дена со Владата не се најде решение за неповолната состојба во која се најдоа мелниците поради непочитување на правилниците за увоз на брашно и нелојална конкуренција, рече денеска на прес-конференција Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Групацијата бара да остане во сила Правилникот за контролни маркички при увоз на брашно кој беше донесен во февруари. Инсистира маркиците на брашното да се лепат во Македонија, да се регистрираат трговците, робата да ја складираат во магацините, да се испита квалитетот и потоа да се пушти во промет.

Според Малишиќ, мелничката индустрија е уништена поради несоодветни одлуки на претходната и сегашната власт, а од 30-ина активни мелници 20 се под хипотека.

– На утврдените прекршувања на законите од извозниците на брашно од српска страна и нивното исправање од нашите институции, по помалку од еден месец Владата и вицепремиерот и ветија на српската страна дека ќе ги укинат правилниците кои колку толку ги штитеа домашните потрошувачи како и домашните мелници и земјоделци. Ваквата еднострана одлука на која се противевме и се противиме е донесена без да се земат предвид штетите кои се носат на земјоделците, млиновите и на Буџетот на РМ, како и на здравјето и квалитетот на потрошувачите, рече Малишиќ.

Со почитување на правилниците, како што истакнуваат од Групацијата, ќе дојдеме до некаква можност да бидеме конкурентни на српското брашно од кое пазарот е преплавен.

– Не можеме да вршиме откуп заради тоа што сега влегува многу брашно од Србија, се прават големи залихи, а ние не можеме да обезбедиме средства за откуп и не можеме да бидеме конкурентни со нашата откупна суровина, не можеме да направиме даадена вредност на нашиот производот кој ќе ги покрие трошоците и да понудиме конкурентна цена на српското брашно. Затоа заклучивме да не вршиме откуп оваа година на пченица доколку Владата остане нема на нашите барања, рече Никола Ѓорѓиев од „Мак Млин Чешиново“.

Како што информира Малишиќ, килограм македонска пченицита што е заостаната од минатогодишниот род се продава по 11 денари во место, а српско брашно веќе се продава на пазарот со сите извозни трошоци по цена од околу 13 денари.

– Тоа значи дека е невозможно да се купи македонската пченица да се донесе во преработувачки капацитет, да се сомеле, да се спакува, да се платат трошоци за плата, струја… и да се продаде во Македонија, појасни Малишиќ.

Срмано е, како што наведе, да се попушти на српскиот притисок, иако докажано им се објасни дека нема никави забрани кон нивниот извоз на брашно во РМ, односно дека само се зголемува контролата кон увозниците кои претходно на штета на државата и корисниците остварувале поголем профит незаконски.

Како што рече Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија по стапувањето во сила на Правилникот на 8 февруари до крајот на март или за 40 дена увозот на брашно бил зголемен за 15 проценти, што значи дека измената на Правилникот не претставувала бариера.

– Во континуитет увозот на српско брашно се зголемува во Македонија, а тоа имплицира домашните мелничари да мелат помалку и да не можат да ја откупуваат домашната пченица. Во 2014 година во Македонија се увезени 40.000 тони брашно од пченица, 2015 година 47.000 тони, а во 2016 и во 2017 година по 54.000 тони брашно од пченица, наведе Малишиќ.

Тој истакна дека не сакаат да дојде до ситуација да не се врши откуп на домашната пченица затоа што тоа ќе се одрази и на земјоделците, со чија поддршка бараат да се најде решение. Се очекува годинава да има добар род од околу 160.000 тони пченица, што, како што рече, ќе направи многу поголем притисок за нејзина продажба и откуп.

– Без решение не сме во можност да откупуваме пченица и мора да седнеме со Владата и да најдеме солуција. Не сакаме да дојдеме до тоа затоа што змејоделците се наши партнери, но од постапките од претходната влада и од сегашна ветувања ние сме дојдени во ситуација да сме во колапс, порача Малишиќ.

Според заклучоците од последната седница на Групацијата, решение мора да се најде во најкраток можен рок, бидејќи Србија годинава има рекордни приноси на пченица, цената на брашното моментно е 12,5 денари за килограм и се очекува цена на лебното жито од шест до седум денари за килограм.

Би можело да ве интересира

Одлуката на пекарите останува во сила, и денеска нема да испорачуваат леб

Ана Ололовска

ВМРО-ДПМНЕ: Владата вели има пченица, а мелничарите велат дека немаат резерви веќе

Хоџа: Не прифаќам уцени, и мелничарите се виновни за состојбата

Ана Ололовска

Мелничарите не ја добиле ветената поддршка од Владата, ќе ја откупуваат пченицата по 8,5 – 10,5 денари

Ана Ололовска

Мелничарите 25 дена блокирани од косовска страна, не можат да го извезат брашното

Ана Ололовска

Ќе се укине забраната за извоз на брашно, залихи има, мелничарите работат одлично

Ана Ололовска