Педесеттина научни трудови ќе бидат претставени на Втората меѓународна конференција на тема “Бизнис образование во 21 век ” што во организација на Факултетот за бизнис и економија се одржа денеска во Ректоратот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Според членот на МАНУ и професор на УЈИЕ Абдулменаф Беџети тоа што е светска карактеристика е се поголемиот јаз помеѓу потребите на бизнисот и кадрите што излегуваат од универзитетите.
– Пазарот на трудот по својата природа е склон на побрз развој поради претприемништвото и употребата на иновациите, додека универзитетите по дефиниција се конзервативни институции. Ние мораме да се организираме за да го стесниме овој јаз и да се прилагодиме не само со студиските програми, туку и со начинот на пренесување на знаењето кон студентите. Светските податоци покажуваат дека има 20 отсто таканаречени дислексиќни студенти кои сакаат да учат, но не сакаат да читаат така што студиските програми веќе се прилагодуваат за соодветно пренесување на знаењето и за оваа категорија, рече Беџети.
Заменик министерот за образование Арбр Адеми посочи дека и Владата и Министерството за образование напорно работат да се унапреди образовниот систем за од него да излегуваат такви кадри со знаења што ќе одговараат на потребите на пазарот на трудот.
– Согласно Стратегијата за образование ние сакаме да го спроведеме концептот на дуално образование, односно образовниот процес да се спроведува во директно партнерство со потребите и кај бизнис заедницата, изјави Адеми.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека Владата се обидува преку повеќе мерки и програми да ги поддржи иницијативите на младите и дипломираните студенти за покренување сопствен креативен и иновативен бизнис преку третиот столб за економска подршка на мали и средни претпријатија за што се наменети околу 11 милиони евра.
Сопственикот на компанијата „Даути Комерц“, Џемаил Даути како позитивен пример од својата соработка со УЈИЕ го посочи податокот дека освен целосното финасирање на дел од студентите за време на нивното студирање согласно потребите на неговата компанија во поглед на логистиката и продажбата на стоки за широка потрошувачка и нивните кадри за водење на финансиите и комерцијалистите доаѓаат од редот на завршените студенти на УЈИЕ.
Според организаторите научните работници доаѓаат од Македонија, Албанија, Косово, САД, Украина, Португалија, Литванија, Грузија, Белорусија и други земји.