Менаџери на компании од Битола и турскиот град Измир, претставници на национални, регионални и локални институции, врз принципот „B2B“ (Business to Business), на меѓународна економска конференција ќе креираат идеи за развој на пелагонискиот регион.
Организатор на конференцијата на тема „Унапредување на економскиот развој во Пелагонискиот плански регион” и бизнис средби со компании од регионот на Измир, Република Турција, е Центарот за развој на пелагонискиот регион-ЦРППР кои во пресрет на денешниот настан најавија дека учесниците ќе бидат фокусирани на идеите за привлекување странски инвеститори во индустриските зони и останатите слободни локации во Пелагонискиот регион и воспоставување директна соработка помеѓу бизнис компаниите од двете држави.
– За конференцијата во Битола, своето учество го потврдија 30 бизнис компании од Измир, чија цел е проширување на бизнисот и инвестирање во зоните во пелагонискиот регион. На конференцијата ќе учествуваат и околу 150 бизнис компании од деветте општини кои се составен дел на овој регион. Веруваме дека јазикот на бизнисот е многу поедноставен од јазикот на администрацијата и затоа ја организираме оваа конференција за која добивме поддршка од УНДП и Министерството за локална самоуправа. Посакуваме резултат на оваа конференција да бидат нови инвестиции во Македонија и извоз на македонски прозиводи во Турција, најави Емилиа Ѓероска, директорка на ЦРППР-Битола.
Според програмата на организаторите, менаџерите од Турција освен во Битола ќе престојуваат и во Ресен и Прилеп каде ќе им бидат претставени инвестициските можности и во тие општини од пелагонискиот плански регион.