Меѓународен бизнис форум во организација на Македонско-израелскиот бизнис клуб

Од:

Понудувањето на поединечните пазари на балканските земји како заеднички пазар за сметка на националните кои се мали и неатрактивни е една од целите на вториот Меѓународен бизнис форум во организација на Mакедонско-израелскиот бизнис клуб што денеска се одржува во Скопје.

На форумот, чија носечка тема е „Балканот – Алтернативен пат од Израел до Европа”, учествуваат 100 компании од Израел, Шведска, Швајцарија, Холандија, Русија, Турција, Македонија, Хрватска, Србија, Албанија, Бугарија и Косово, од секторите Информатичко-комуникациска технологија, Земјоделство и преработувачка индустрија,  Обновливи извори на енергија, и Медицина и фармација.

– Идејата на форумот е да се промовира дека македонскиот пазар е мал за странски инвеститори или големи компании од странство. Со тоа сакаме да ги поттикнеме сите наши соседи од балканскиот регион да се задружиме заедно и да го понудиме балканскиот пазар како интересен пазар  за големите мултинационални компании меѓу кои и израелските, изјави Екатерина Димитровска, извршниот директор на Mакедонско-израелскиот бизнис клуб на маргините на форумот.

Таа посочи дека очекува во текот на денов да се одржат околу 300 директни средби меѓу претставниците на пристутните компании и од тоа да се иницираат или продлабочат бизнис соработки или, пак, да се  почнат нови.

– Дел од македонските компании, особено во прехранбената индустрија имаат потенцијал да излезат на странските пазари вклучувајќи го и Израел. Некои од нив веќе почнуваат да работат на имплементација на Кошер стандардот со што им се отвора  можност да извезуваат прехранбени производи во Израел и секаде каде што има еврејско население во светот, рече Димотровска и нагласи дека Виталија и Випро веќе извезуваат на израелскиот пазар.

На форумот, како што истакна, е присутна компанија од Холандија која има ланец маркети и која е заинтересирана за соработка со преработувачи на храна од Македонија и регионот.

– Во иднина планираме да донесеме и изралески ланец на маркети да се сретне со преработувачите на храна кои имаат имплементирано Кошер стандард и да почне да се развива соработката. Работиме на проширување на соработката меѓу Македонија и Израел зошто сметаме дека размената е се уште многу мала, нагласи Димитровска.

Таа посочи дека на форумот присуствува и претседателот на Интернационалната федерација на бинационалните комори на Израел, Феликс Кипер кој ќе ја согледа состојбата и ќе предложи ланец маркети да дојде во Македонија, но истовремено ќе се труди да ја продлабочи и соработката со сите балкански земји.

Израелскиот експерт од областа на земјоделството Гиора Теслер како претставник на МАШАВ, рече дека е тука за да ја продлабочи соработката со македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и да воспостави добра соработка со македонските фармери.

– Се надеваме дека за две до три години со нашите искуства ќе придонесеме за поголем развој на земјоделството во Македонија и за зголемување на придонесите, рече Теслер.

Заменик министерот за економија Христијан Делев бизнис форумот го оцени како многу важен за започнување на нови бизниси и размена на идеи.

– Како Влада ги поддржуваме ваквите настани и очекуваме да се интензивираат во иднина, бидејќи тоа е единствен начин за спојување на бизнисмените. Со Израел имаме огромна можност за соработка во делот на земјоделството и енергетиката, рече Делев.

Претставникот на Бизнис алијансата на Косово Агим Шахини истакна дека на денешниот форум учествуваат со 30 компании од различни сектори со намера да го подигнат нивото на соработка со Македонија и останатите земји кои се присутни.

– Косово и Македонија имаат многу  добри политички и економски односи со вкупна размена од скоро 300 милиони евра. Денешниот форум е можност да се продлабочат економските односи и да се зголеми нивото на размена на стока меѓу двете земји, но и со останатите присутни земји, изјави Шахини.

Почесниот израелски конзул Виктор Мизрахи посочи дека Македонија и Израел имаат одлични политички односи, но не и економски.

– Се трудиме и економските односи да го достигнат тоа ниво. Како граѓанин на Македонија и почесен конзул на Израел јас лично не сум задоволен од економската соработка, а верувам дека не се задоволни ни бизнисмените од двете земји. Има многу причини зошто тоа е така, но се надевам дека ваквите форуми ќе помогнат да се зголеми размената меѓу двете земји, рече Мизрахи.

Израел не е традиционален пазар за Македонија, но во моментов владите на двете земји преговараат за потпишување на договор за одбегнување на двојно оданочување, а се разговара и за потпишување на договор за слободна трговија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница