Стопроцентно либерализирање на трговијата меѓу Македонија и Турција, бараат компаниите – членки на Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО). Сметаат дека со тоа турските инвестиции во земјава двојно ќе се зголемат, од сегашните 1,2 на две милијарди долари, а значително ќе порасне и размената, од 400 милиони долари колку што изнесува последните неколку години, на една милијарда.
МАТТО во соработка со една од најголемите бесцарински зони во Турција, рзмислува и за отворање слободна економска зона во Гевгелија во која би биле присутни и домашни и труски инвестиции, но под исти услови, како што најавува Владата.
– Работиме на отворање бесцаринска зона која ќе биде достапна за турски и македонски стопанственици за производство, истакна денеска на прес-конференција претседателот на МАТТО Ајдован Адемовски.
Турските компании, нагласи, се посебно заинтересирани за инвестирање во енергетиката. Но, потенцијални сектори за соработка се и текстилот, земјоделството, сточарството (млеко, месо), овоштарството, прехранбената индустрија и посебно туризмот.
– Ако се либерализира трговијата, ќе има многу брз раст на инвестициите во Македонија и обратно, македонските стопанственици полесно ќе влезат на 80-милионскиот пазар во Турција, рече Адемовски.
И компании од Бурса, главно од автомобилската индустрија, сакаат да инвестираат во бесцаринските зони.
– Интерс за инвестиции има и од турски комапнии од енергетиката, но се очекува енергетската политика на новата Влада и политиката за поддршка и развој на инвестициите, додаде економскиот аташе во Турската амбасада Бенјамин Кутлу.
Според него, покрај целосната либерализација на трговијата, и новиот пакет мерки на новата Влада за поддршка на инвестициите ќе помогне многу за поголема размена меѓу двете земји.
– Лани остваривме 420 милиони долари трговска размена, а според досегашните податоци, веројатно и 2017-та ќе ја заокружиме на тоа ниво. Веќе неколку години стагнираме на 400 милиони долари, не успеавме да оствариме позначителен раст иако има капацитет и можности за достигнување една милијарда долари, рече Кутлу, укажувајќи на големиот дефицит од македонска страна.
Според него, за да достигне размената милијарда долари, прво треба да се зголеми производството, а во оваа насока поддршка може да даде токму целосната либерализација на трговијата. Со тоа, голем дел од труските компании би инвестирале во Македонија во производство на различни производи и сектори кои потоа би ги извезувале во Турција. Истовремено, тоа ќе значи и модернизирање на технологијата, поголема вработеност и раст на економијата.
Претседателот на МАТТО посебно се осврна на туризмот, констатирајќи дека Македонија нема хотели кои би згрижиле квалитетни туристи.
– Ако Владата даде субвенции како за холандските или други туристи, ќе добиеме многу зашто Турција ги поседува најдобрите хотели во Европа. Нашите скијачки центри и планини се можеби подобри од многу други светски, но немаме никаква активност тука, во давање поддршка за изградба на хотели, за стимулации на агенции кои би носеле туристи од Турција на зимување или летување, а тие се всушност двигатели на многу сектори – ресторани, транспорт, аеродром,…, посочи Адемоски.
Македонија, дополни, мора да ги искористи капацитетите, можностите потенцијалите. – Да не се лажеме дека ќе произведуваме Мерцедез. Можеме да ги продаваме Матка, планините, туризам, услуги и да привлекуваме инвестиции од земји како Турција, со кои сме традиционално, културно поврзани. Нема да дојде никој од Мексико да инвестира на пазар од два милиона, подвлече претседателот на МАТТО.
Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Турција е потпишан во 1999 година и врз основа на него се укинати царинските давачки за сите индустриски производи, но за земјодекските и прехранбените царински давачки има, иако за некои се предвидени квоти.