Македонските винарии, Тиквеш, Сковин, Бовин и Камник, организирани преку здружението Вина од Македонија, денеска и утре, во Љубљана ги претставуваат своите вина на најпрестижниот вински фестивал во Словенија што се одржува во просториите на хотел „Унион“.
Фестивалот на вино и гастрономија, на кој годинава се присутни 130 изложувачи од Словенија, Австрија, Италија, Хрватска и Македонија, се одржува по 15. пат и е најпосетуван вински фестивал во Словенија.
Во организацијата на овој настан вклучени се Амбасадата на Република Македонија во Словенија и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
Претставниците на четирите македонски винарии ќе имаат свои презентации, дегустации и одвоени состаноци со потенцијалните увозници.
– Целта на присуството на овие настани е пробивање на македонското вино на пазарите во Европската унија според маркетинг-стратегијата за извоз на вино во ЕУ која ја изработија винариите. Со оваа стратегија Холандија, Полска, Словенија и Швајцарија се оценети како најперспективни пазари од ЕУ за македонското вино, велат од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.