Унгарски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, земјоделството, производството на земјоделски машини и опрема се запознаа со можностите за инвестирање и бизнис климата во Македонија.
Министерот за странски инвестиции Бил Павлески, кој ја предводи македонската делегација на Македонско-унгарскиот бизнис форум во Будимпешта, пред бизнисмените од Унгарија ги претстави условите и поволностите за инвестирање во Македонија.
Економската соработка на Македонија и Унгарија интензивно се зајакнува, истакна министерот Павлески на бизнис форумот организиран во соработка со националната унгарска трговска куќа „Hungarian National Trading House“, со поддршка на Македонската амбасада во Унгарија.
На маргините на форумот, Павлески се сретна со унгарскиот заменик министер за трговија и надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто кој истакна дека отворањето на Унгарската трговска куќа во Скопје во јули оваа година не е случаен избор, туку резултат на тоа дека Унгарија ја гледа Македонија како центар за развивање на бизнисот на унгарските компании во регионот. Министерот Сијарто нагласи дека претставништвото на Унгарската трговска куќа во Македонија е единствено на Балканот.
Дел од македонската делегација во Будимпешта се и министерот без ресор, Фуркан Чако и заменик министерот за економија, Христијан Делев. Предвидено е во текот на денов македонската делегација да се сретне и со претседателот на Стопанската комора на Унгарија и претседателите на Турско – унгарскиот комитет и Комитетот за Западен Балкан.