Македонската асоцијација на преработувачи најавува унапредување на соработката меѓу компании од прехранбено-преработувачката индустрија и дизајн студија и фриленсер дизајнери од Македонија преку нудење специфични дизајн услуги согласно потребите на компаниите.
– Македонските компании произведуваат квалитетни производи, но сѐ уште постои голема можност за напредок при процесот на дизајнирање на пакувањето, вели Сашо Ристески, генерален секретар на Македонската асоцијација на преработувачи.
Минатата година, со помош на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, Македонската асоцијација на преработувачи објави отворен конкурс на кој ги повикале дизајнерите да аплицираат за соработка со компании, членки на Асоцијацијата.
– Добивме 102 апликации, кои потоа ги разгледавме со заинтересираните компании и на крај помогнавме да се оствари соработка која резултираше со редизајнирање на 35 производи, но и презентација на комплетно нови линии на производи на преработувачките компании кои беа инволвирани во процесот, нагласи Ристески.
Според Димитар Проданов од дизајн студиото „Омни Креатив“, преку унапредување на соработката меѓу преработувачките компании и дизајн секторот ќе се зголеми конкурентноста на македонските производи на домашниот и на странските пазари.
Оваа година, Македонската асоцијација на преработувачи планира овој модел на соработка да го понуди на сите свои членки, но и на други индустрии како дополнителна услуга која ќе го направи македонското производство поконкурентно на домашниот и странските пазари. Оваа активност е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) имплементирана од Свисконтакт, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.