Македонија во 2017 ќе потроши за 2,3 отсто повеќе енергија

Од:

Вкупната потрошувачка на енергија во 2017 година ќе порасне за 2,3 отсто, а потрошувачката на електрична енергија ќе зависи од работата на индустриските капацитети кои учествуваат со 20 отсто во вкупната потрошувачка.

И годинава сообраќајот ќе биде најголем потрошувач на енергија, а во вкупната потрошувачка најголем удел од 50 отсто ќе имаат нафтените деривати, струјата ќе учествува со 27, а јагленот со 6 отсто, предвидува Предлог-енергетскиот биланс за 2017 година.

Енергетскиот биланс е документ кој ја содржи целокупната потрошувачка на сите енергенси во државата за една година и ги опишува консументите, односно потрошувачката на енергијата. За периодот 2013 – 2017 година предвидува пораст на потрошувачката на сите енергенси со просечна стапка од 3,3 проценти на годишно ниво.

Експертите очекуваат дека потрошувачката на електрична енергија кај домаќинствата ќе остане непроменета, а според нив, до нејзино намалување може да се дојде дури по целосната гасификација на земјава.

Во билансот е предвидено и годинава да расте учеството на обновливите извори на енергија, но, според аналитичарите, хидроелектраните и ветерниот парк не можат да го ублажат недостигот атокот на струја, бидејќи тие зависат од временските услови. Потрошувачката, пак, на струјата ќе зависи од работата на Макстил, Фени и Југохром. Се предвидува и дека ќе има неповолна хидролошка состојба и да расте побарувачката на гас.

– Ако потрошувачката на електрична енергија се намали за два отсто увозот ќе биде 30 проценти, а домашното производство 70 проценти. Ако, пак, металуршките комбинати работат со полна сила, домашното производство ќе остане на исто ниво, а увозот ќе достигне до 40 проценти, вели Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација.

Тој нагласува дека се намалува потрошувачката на струја во земјава и оти тоа главно се должи на престанокот со работа на големите комбинати, како Југохром, а со половина капацитет работат и Макстил и Фени Индустри.

– Производството во термоелектраните РЕК Битола и Осломеј бележи континуирано намалување последниве години, хидроелектраните произведуваат колку што дозволува хидрологијата, а според Предлог-енергетскиот биланс, гасната електрана Те-То ќе произведува значително повеќе, но тоа повторно ќе зависи од пазарните услови, односно од разликата во цената на струјата и гасот, посочува Анѓушев.

Обвновливите извори на енергија, кои пред неколку години беа нула отсто, а денес се шест до седум проценти од енергетскиот биланс, според него, не се доволни да го супституираат производството на термоелектраните.

– Може да ја ублажат ситуацијата и се добродојдени, но мора да се најде начин термоелектраните да произведуваат со полна снага. Проценките велат дека цената на струјата на светскиот пазар догодина се очекува да биде стабилна и на речиси исто ниво како во 2016-та, посочи Анѓушев.

Македонија во 2014 година потрошила 74.759 тераџули енергија од сите видови, во 2015 потрошувачката изнесувала 79.709, лани 82.578, а во 2017 година се предвидува да се потрошат 84.477 тераџули.

Би можело да ве интересира

Отворени понудите за универзален снабдувач на електрична енергија за потрошувачите на регулираниот пазар

Горан Наумовски

РЕС ја зацврстува лидерската позиција во снабдувањето со електрична енергија на приватниот сектор

РЕС одбележува една гостина постоење – компанијата донесе најповолно снабдување со електрична енергија во енергетската криза

(ВИДЕО) Објавено е огромно откритие за нуклеарната фузијата, потенцијален извор за бесконечна енергија

Катерина Ѓуровски

Мерки за намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор во Грција

А1он

Македонија влегува во енергетска криза порачува Делегацијата на германското стопанство

Катерина Ѓуровски