Македонија ќе ја смени одредбата за ограничување на увозот на брашно и пченица, а Србија нема да преземе реципрочни мерки со блокада на увозот на домати и вино од земјава.
Ова го изјави денеска министерот за трговија на Србија, Расим Љаиќ, кој се договорил со македонскиот министер за земјоделство Љупчо Димовски. На состанокот, како што кажа Љаиќ, било договорено да се тргнат сите вонцарински бариери во трговијата помеѓу Македонија и Србија за да се обезбеди слободен проток на роба, како и обемот на размена.
– Ние ќе ја следиме процедурата и очекуваме дека таа одредба ќе биде изменета во разумен рок – рече Љаиќ.
Според него, доколку овој договор се спроведе, Србија нема да презема никакви реципрочни мерки против Македонија. Тој додаде дека договорено е еднаш неделно Србија и Македонија да се консултираат за техничките и практични проблеми од областа на увозот и извозот и заемно да се решаваат.
Српскиот министер рече дека вонредното заседавање на ЦЕФТА ќе се одржи во Белград на 22. Јули, при што најави дека ќе извести за денешниот договор.
– Ќе инсистираме на тоа дека ваквите мерки и одлуки се неприфатливи и не смеат во иднина да се применуваат. Доколку тоа се случи, ќе се договориме државата да има автоматско право да воведе реципрочни мерки – рече Љаиќ.
Македонската влада имаше донесено одлука со која за килограм увезена пченица, македонските увозници мораа да купат 3 килограми домашна, а за килограм брашно увезено од Србија, да купат четири килограми домашна пченица. Ова одлука стартуваше од 1. Јули, на што бурно реагираше Србија со најава дека истата мерка ќе ја воведе за македонското вино и доматите.
Петар Клинчарски