„Рецесијата на Македонија ќе и донесе нови отпуштања од работа со што ќе се зголеми и онака високата стапка на невработеност од над 32%, кратење на и досега малите плати, дополнително намалување на ликвидноста на компаниите, како и целосно уривање на намалената куповна моќ на граѓаните и неминовно, пораст на сиромаштијата“, реагира ЛДП на вчера објавените податоци од Државниот завод за статисктика, според кои Македонија е во рецесија.
Само во градежниот сектор во кој работат околу 70 000, во наредните шест месеци се очекува намалување на бројот на вработени за 20-30 одсто, што значи без работа ќе останат 21.000 градежни работници, велат од ЛДП. Ова, според партијата, негативно ќе се одрази и во 50 други дејности поврзани со секторот градежништвото, а уште позагрижувачки е што за уништувањето на овој сектор најодговорни се Владата и општините кои на градежните фирми, што учествуваа во изградбата на мегаломанскиот проект Скопје 2014 им должат над 200 милиони евра.
„Во однос на рецесијата, експертите се децидни дека ова е очекуван епилог ако се има во вид дека македонскиот бизнис одамна е клекнат на колена и апелираат, особено да се внимава на социјалниот фактор. “, рече Роза Топузова Каревска.
ЛДП смета дека веднаш, без одлагање, треба да се стави крај на неплаќањата на обврските на владата и вкупниот јавен сектор како клучен предуслов за намалување на растечката општа неликвидност, и предлагаат итно воведување на законска обврска јавниот сектор да ги плаќа своите обврски кон приватниот сектор во рок од 30 дена.
„Предлагаме веднаш да се запрат агресивните владини зафаќања преку неданочните приходи. Неопходно е итно намалување на ставките за разните административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги, како елиминација на непродуктивните буџетски расходи“, рече Каревска.
„Македонската јавност е загрижена за настанатата економска ситуација и очекуваше во текот на вчерашниот ден да се обрати премиерот Груевски или министерот Ставревски.За жал, Ставревски е беше недостапен и не даде одговори, нема став ниту првиот синдикалец а премиерот веќе подолго време молчи, ако кон ова се додаде и повеќечасовниот молк на пратеник од ДУИ во Парламентот, очигледно е дека Груевски и неговите партнери западнале во длабока тишина односно се бранат со молчење“, укажа ЛДП.