ВИДЕО: Со кредитна линија од ЕБОР до подобра енергетска ефикасност на домаќинствата

Од:

Секое евро инвестирано во енергетска ефикасност штеди 2,2 евра во производството на електрична енергија. Токму оттука тргнува целата логика на стимулацијата на енергетската ефикасност, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на конференција за промоција на „Програмата за финансирање на зелената економија (GEFF) во Македонија“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

ЕБОР преку GEFF Програмата во Македонија, која е дел од Програмата за Западен Балкан проектирана на 85 милиони евра, почнува со финансирање на домаќинствата за зголемување на нивната енергетска ефикасност преку кредитна линија вредна четири милиони евра што ќе се пласира преку Охридска банка Сосиете женерал и Шпаркасе банка Македонија. Дополнителни четири милиони евра е планирано да се реализираат преку други локални банки. Со овие средства се планира да бидат опфатени 2.500 домови.

Физичките лица ќе можат да подигнат кредити од банките, за да се снабдат со технолошки решенија за користење на зелената енергија, како што се прозорци со двојни стакла, енергетски ефикасни бојлери или термална изолација за домовите. Домаќинствата кои ќе инвестираат во технологии на енергетска ефикасност ќе можат да аплицираат за грант од ЕУ во износ до 20 отсто од нивната инвестиција.

– Македонија нема алтернатива и од енергетски аспект е сиромашна земја. Домашните резерви на јаглен се на исцрпување. Осломеј три години е споменик, бидејќи нема јаглен. РЕК Битола се повеќе заликува на споменик зашто работи со два од трите блока, а со тек на време ќе работи со еден ако останеме само на домашните резерви на јаглен. Гас немаме, нафта немаме. Единствено имаме можност за обновливи извори на енергија, рече Анѓушев.

Тој посочи дека Македонија во следните неколку години планира да ја намали потрошувачката на енергија за 14,37 отсто и додаде дека тоа може да го направи само со енергетска ефикасност и со вложување во проекти за обновливи извори на енергија. Владата, потенцира, апсолутно ќе биде посветена на обновливите извори на енергија и на зелената економија.

Раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Македонија Ана Јоана Јонеску истакна дека помалку од 10 отсто од домаќинствата во Македонија имаат импелементирано мерки за енергетска ефикасност.

– Верувам дека програмата што ја нудиме, која е дел од регионалната програма за подобрување на енергетската ефикасност во домовите во шесте земји од Западен Балкан ќе придонесе за заштеда на енергија и почиста животна средина со пониски сметки за електрична енергија, рече Јонески.

Раководителот на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Македонија Никола Бертолини истакна дека загадувањето на воздухот е нешто што многу ги притиска македонските градови.

– Сметаме дека ова е извонредна можност да се направи нешто на тоа поле. Знаеме дека куповната моќ на граѓаните во Македонија не е толку висока за да ја подобрат енергетската ефикасност на своите домови и токму затоа треба да им се помогне за да го направат тоа што го правиме ние во Еврпската унија, порача Бертолини.

Виолета Коголничеану, раководителот на Секторот заенергетска ефикасност во Секретаријатот на Енергетската заедница посочи дека првично програмата за енергетска ефикансот почнала да се спроведува во 2009 година за приватниот сектор, подоцна се вклучил и јавниот, а од 2015 година и резиденцијалниот сектор.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница