Стабилно и зголемено домашно производство на храна со новиот предлог Буџет за земјоделство. Вака претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска го презентираа новиот предлог Буџет на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2023 година.
Ковачевски посочи дека следната година секторот земјоделство го има најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање, и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството.
Вкупниот предлог буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во кој што се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектираниот, вели Ковачевски, треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст.
Најголем дел од средствата се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, каде што има и најголемо зголемување. Во 2023 година, Агенцијата ќе располага со 140 милиони евра од кои 114 милиони евра се наменети за исплата на субвенциите и спроведување на најголемата реформа во земјоделството.
Премиерот посочи дека предлог буџетот за земјоделство за 2023 година е развоен, базиран на мерки за поддршка на земјоделците, антикризни мерки за одржливо и зголемено домашно производство на земјоделски производи и храна во услови на криза, капитални инвестиции и модернизација на земјоделството на среден и на долг рок.