„Во услови на пандемија, Владата континуирано издвојуваше дополнителни средства за поддршка на компаниите и зачувување на ликвидноста. Беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија која беше признаена и од меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани над 60.000 работни места и беа поддржани над 20.000 компании“, рече премиерот Ковачевски во Прилеп, по обиколката на фабриката „Витаминка“, која е национален бренд и со над 60-годишна традиција.
Ковачевски додаде дека со сите мерки и работа, Владата ја потврдува определбата за одговорно владеење и вложување на буџетот токму онаму каде е најпотребно, за поддршка на економијата, вработените и животниот стандард на граѓаните.
Ковачевски: Субвенционираме 80% од сметките на граѓаните за струја
Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека тој и тимот во Владата преземаат повеќе одговорни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните во време кога земјите од Европа се соочуваат со економските последици од здравствената и енергетската криза.
„Продолжуваме да субвенционираме дури 80% од висината на сметките за струја за домаќинствата, а со Програмата за енергетска сиромаштија, 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија, како и 35 семејства, кои се исто така од ранливи категории“, подвлече Ковачевски, додавајќи дека се овозможи продолжување на Програмата за покривање на трошоците за енергија и огрев.
Ковачевски посочи дека во насока на обезбедување финансиска помош за најранливите категории граѓани, се и мерките за покачување на пензиите и покачувањето на најниските примања, кои опфаќаат 35.000 граѓани, во година која не е изборна и истакна дека во изминатите 20 години во државата, минималните плати и пензиите се зголемуваа само во изборни години.