Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачески, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Прилеп имаа средба со дел од земјоделците производители на тутун и го посетија откупниот пункт за тутун во рамки на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Согласно податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, оваа година како што изјави премиерот Ковачевски, откупот на тутунот започнува со зголемена откупна цена над 30% споредено со минатата година. Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун.
„Денеска од тука, од Прилеп, од најголемиот центар за производство на тутун, го означуваме почетокот на откупот на тутунот од реколтата 2022 година. Денешниот ден го започнав со средба со луѓето кои се најважни во оваа наша традиционална земјоделска гранка – со тутунопроизводителите. Имав можност да разговарам со дел од нив од прилепскиот регион за годинешната реколта, за откупната цена, за владините мерки но и за нивните предлози за понатамошен развој на производството на тутун во овој регион.
Според официјалните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство, со задоволство можам да кажам, дека оваа година откупот на тутун започнува со позитивни податоци: повисока откупна цена, повеќе склучени договори, поголемо планирано количество за откуп, подобар квалитет на тутунот. Годинава откупот на тутунот стартува со над 30% повисока цена споредено со лани. Односно откупната цена за килограм тутун е 261 денари, за разлика од лани кога била 200 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – а тоа е дека од 2014 година до денес откупната цена на тутунот е зголемена за 115,7 %.
Пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун што е за над 10 % повеќе од лани кога се откупиле 18.600 тутун. Имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година. Овие стартни податоци ветуваат успешен откуп на тутунот, што крајно значи бенефит и за државата и за тутунопроизводителите да продолжат да вложуваат во производството, да придонесуваат за развојот на оваа земјоделска гранка. Ваквите бројки се доказ дека мерките кои што оваа Влада ги презема за тутунопроизводството, даваат позитивни резултати.
Тутунот е наша традиционална но и извозно ориентирана земјоделска гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20.000 семејства егзистираат од оваа гранка, и затоа секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите, да имаат стабилно и одржливо производство. За прв пат оваа Влада донесе нов модел за зголемени субвенции за тутунот според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи. Со тоа ги мотивиравме тутунарите да произведат повеќе и поквалитетен тутун, за да остварат повисока субвенција.
Паралелно со новиот модел за субвенции, се донесе и нов Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, со кој што се решија сите отворени прашања кои го оптоваруваа производството и откупот на тутун. Покажавме дека интересите на тутунопроизводителите се врвен интерес на државата, дури и во услови на здравствена и економска криза, и тутунарите беа опфатени и со помошта од КОВИД програмата. Ова е сериозна посветеност и вистинска грижа на државата кон тутунопроизводството, кон целиот сектор земјоделство. Оваа Влада е на страната на земјоделците, на овие вредни луѓе, кои со своето производство имаат сериозен удел во производството на храна и во развојот на економијата.
Секогаш работиме за интересите на земјоделците, и во овој период на огромна енергетска криза заеднички која владее во Европа, креираме мерки за помош на земјоделците, за зголемено производство на домашна храна. За прв пат, донесовме „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на овој важен сектор во време на криза и планот веќе се реализира. Планот содржи Интервентна програма во вредност од 900 милиони денари и конкретни мерки за зголемено производство на основни прехранбени производи, за увозна независност, мерки со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште во државата.
За прв пат ресорното министерство подготви нов модел за распределба на земјоделските субвенции, со кој се решаваат сите долгогодишни проблеми на земјоделците, се овозможува брз систем за исплата на субвенциите кон земјоделците и спречуваат злоупотребите на субвенциите.Со новиот „decoupling систем“ земјоделците добиваат авансна исплата на субвенциите, дополнителна поддршка добиваат оние земјоделци кои ќе се насочат кон производство на стратешките култури, но и земјоделците кои од своето производство создаваат финален производ за продажба. Продолжуваме со истото темпо за развој на земјоделството и понатаму. Северна Македонија има ресурси, има плодна почва, идеална клима, вредни земјоделци, затоа и ќе продолжиме со владините мерки, да дадеме поддршка и земјоделството да е двигател на македонската економија – рече Ковачевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека откупот на тутунот тече во најдобар ред и дека оваа година е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм.
„Драго ми е што со гордост можам да кажам дека откупот на тутунот тече во најдобар ред, и дека оваа година постигнуваме рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм. Склучени се вкупно 29.653 договори за производство на тутун, што е за 7% повеќе од лани. Зголемување имаме и на површините за тутун за 15% споредбено со лани. Оваа година согласно договореното производство, очекуваме да се откупат 25.850 тони што претставува зголемување за околу 10 % во однос на реализираниот откуп минатата реколта. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун“, со финансиска поддршка по корисник која изнесува 4,5 милиони денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме за прв пат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите. Токму сите овие факти се мотив да продолжиме да се грижиме за понатамошен развој на производството на тутун, заеднички да носиме одлуки и да сведочиме на ваков успех каков што имаме денес”, рече министерот Николовски.