Ковачевски: Нови 350 милиони евра инвестиции на АД ЕСМ во енергетиката и екологијата во Битола и регионот

Од:

АД ЕСМ за Битола и регионот најави три нови проекти – изградба на гасна електрана, фотонапонски електрани и топлификација за градот Битола, инвестиции со вкупна вредност од 350 милиони евра.

Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, целта на сите овие проекти е да се засили енергетската трансформација која е во тек и за која, како што рече, имаме највисоки оценки како држава од страна на Европската енергетска заедница и да се вложи во обновливи извори на енергија низ државата, но и во регионот.

-Нашата политика со овие инвестиции се темели на два столба, односно да ја зачуваме енергетската стабилност на државата и истовремено да ја заштитиме околината и здравјето на граѓаните. Инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамки на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука се когенеративната гасна електрана со моќност од 200-400 мегавати која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола, и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК Битола. Планираниот почеток на работа на оваа инвестиција е по завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година. Вредност на инвестицијата во прва фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра, изјави Ковачевски.

Додаде дека во рамки на РЕК Битола ќе се градат и фотонапонски електрани, кои исто така се влезени во Интервентниот план за инвестиции. На почеток ќе бидат изградени две фотонапонски електрани од по 10MW и една фотонапонска електрана од 40 MW.

– Овие капацитети ќе бидат во целосна сопственост на АД ЕСМ, односно на државата, истакна Ковачевски.

Од АД ЕСМ најавуваат и проект за РЕК Осломеј, како и за пелагониските општини.

-Дополнително ќе се гради уште еден капацитет од 100 мегавати односно две фотонапонски електрани од по 50 MW, и тие ќе бидат изградени преку принципот на јавно приватно партнетство, односно ќе бараме приватни партнери како што е тоа сега случај во РЕК Осломеј, каде што сме пред потпишување договор со компании од Турција и Бугарија. За тој проект добивме особена пофалба од Европската енергетска заедница за успешно спроведување и на процесот на енергетска и на социјална транзиција. Друг значаен проект за градот Битола и околните населени места Новаци и Могила кои гравитираат кон РЕК Битола е Топловодната мрежа чија вредност е околу 35 милиони евра. Проектот е пред избор на изведувач. Очекуваме до крајот на месецот да потпишеме договор со избрана фирма и во текот на летото, а најдоцна есента, топловодната мрежа да почне да се развива. Овие три проекти кои ги наведов, гасната електрана, фотонапонските електрани и топлификација Битола, кои ќе бидат инвестиција во вкупна вредност од 350 милиони евра од страна на АД ЕСМ, нагласи Ковачевски.

На прес-конференцијата во РЕК Битола учествуваа членовите на управниот одбор на АД ЕСМ и директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Петрушевски: ДЗР откри неправилности во работењето на АД ЕСМ за период од 2019 до 2022 година

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

ЕСМ: Соработката со потрошувачите е клучна за претстојната грејна сезона

Предраг Петровиќ

Мицкоски: Има сомневања за сериозни злоупотреби во АД ЕСМ

Предраг Петровиќ

АД ЕСМ: Грејната сезона продолжува поради временските услови

Изборот за нов универзален снабдувач обвиткан со тајност