Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски заедно со претседателот на Владата на Република Бугарија Галaб Донев, во придружба на министри од двете влади, претставници од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР, денеска присуствуваа и говореа по повод на отпочнување со градба на источен дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
„Денес продолжуваме со остварување на целта, од национално, стратешко и меѓународно значење за Република Северна Македонија. Денеска овде го означуваме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, што значи модерна европска железничка инфраструктура во Северна Македонија, но и забрзан регионален и економски развој.
Ваквите капитални проекти, се проекти за идните генерации и со нив Северна Македонија станува поврзана со европските железнички коридори“, рече премиерот Ковачевски.
„Северна Македонија географски, природно е крстосница, клучна точка на поврзување и кон Европа, но и кон Јадранското и Црното море. Со капитални проекти како овој, нашата држава станува и реална крстосница на Балканот, отворајќи простор за раст, развој и напредок на повеќе полиња.
Вчера следејќи ги вестите на медиумите, многу од нив кога известуваа за денешниот настан неизбежно беше да предочат дека веќе 30 години или поточно 28 години овој проект стои во место.
„Возот до Софија тргна во 1994“, и тоа е така. „Пругата наречена надеж“ така ја карактеризираат медиумите е можам да кажам сосема прецизна формулација. Свесен сум дека постои скептицизам, јас сум еден од оние кои практично пораснаа со проектот железница кон Бугарија. Од моментот кога станав свесен за тоа што се железнички коридори тогаш почна да се гради овој железнички коридор и се уште не е изграден. И знам зошто постои тој скептицизам, таа недоверба дека некогаш и ќе се случи ова. Системот ни е таков и тоа на многу места, јасен ми е сентиментот на граѓаните. И за да можеме да го поправиме, треба сето ова најпрво да си го признаеме, а потоа да се зафатиме со работа.
Или во текот на овие изминати 30 години не сме имале знаење, или немало доволна посветеност или имало премногу корупција. Или сите 3 работи заедно.
Затоа, тука, пред вас, одговорно тврдам дека единствената опција која ја имаме е да ги удвоиме напорите и напорно да работиме. И да го сработиме сето ова со нашите пријатели, со нашите соседи, со ЕУ. Можеме секако да зборуваме зошто нешто не можело или како требало да се направи. Но имаме и опција да избереме да работиме и да одиме напред, да го избереме најдобриот пат, или во случајов најдобрата пруга кон европската иднина“, изјави премиерот Ковачевски.