Коњановски: 128 милиони евра поддршка за млекопроизводството во следните 8 години

Од:

По околу една милијарда денари годишно или вкупно 128 милиони евра за период од осум години ќе вложува државата во сточарството и млекопроизводството.

Ова, како што соопшти денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по посетата на млекарницата „Здравје Радово“ во општина Босилово, е дефинирано во Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото за периодот 2013-2020 година што ја усвои Владата со цел интензивирање на развојот и зајакнување на примарното млекопроизводство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и зголемување на конкурентноста на секторот.

Стратегијата е прв стратегиски документ од оваа област, фундамент за натамошно градење на политиките во секторот млеко. Мерките што ги содржи се насочени кон зголемување на неговата домашна и меѓународна конкурентност, интензивирање на развојот на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко, приспособување на учесниците во синџирот кон пазарната реалност, согледување на потребата за поцврста заемна организираност и поврзаност, како и градење дополнителна вредност на македонското млеко преку квалитетни и специјализирани производи, истакна Коњановски.

За клучните мерки, напомена, е предвидена конкретна финансиска поддршка, 7,2 милијарди денари за интензивирање на развојот на примарното млекопроизводство, 685 милиони денари за приспособување и модернизација на преработувачката индустрија за исполнување на стандардите на ЕУ и 10,4 милиони денари за интеграција на секторот и воспоставување единствена база на податоци на потсекторот за млеко.

Ќе се инвестира во подобрување на квалитетот на сточниот фонд со нови раси говеда, овци и кози, како и во едукација на фармерите со цел производство на квалитетно млеко кое единствено ќе биде параметар за добивање субвенции.

Со посебни подпрограми ќе го помогнеме и технолошкиот развој на млекарниците и млекопреработувачките капацитети за да ги постигнеме европските и светските стандарди. Ќе профункционираат и две нови лаборатории во Штип и Битола каде независно ќе се контролира квалитетот на млекото и млечните производи, подвлече заменик министерот.

Стратегијата е резултат на соработката меѓу државните институции, науката, бизнис заедницата, земјоделските здруженија и преработувачите. За нејзино имплементирање во наредните 8 години се планирани 8 милијарди денари или 128 милиони евра. Средствата ќе се обезбедат од годишните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и ИПАРД, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Министерството и Владата секогаш се отворени за комуникација и соработка со сите инволвирани во овој сектор. Секоја мерка ја креираме во дијалог со сите страни од земјоделството, партнерски и заеднички, бидејќи тоа е начинот на нашата работа, заедно со земјоделците, бизнисот и локалната самоуправа да ги градиме мерките и идните наши чекори, нагласи Коњановски.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Левица: Тони Коњановски учесник во најголемиот урбанистички криминал во историјата на Битола

Предраг Петровиќ

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година