Споделување на позитивните искуства од меѓународна соработка кои вродиле со плод, а се од значење за граѓаните и заедницата е цел на денешната конференција „Придобивки и стекнати искуства преку меѓународна соработка“ што се одржува како централна манифестација во рамки на десеттата манифестација „Недела на енергетика Македонија 2014“.
Настанот преку презентација на позитивните практики се стреми да ја продлабочи соработката во меѓународните проекти од областа на животната средина и ефикасното искористување на ресурсите заради подобро искористување на средствата од фондовите кои и се достапни на Македонија за таа намена.
– За реализиација на меѓународните проекти Македонија користи само 50 отсто од финансиските средства кои и се на располагање во европските фондови. Сметам дека тоа е недоволно и оти треба да направиме напори да се искористат што повеќе од достапните средства. За тоа да го направиме потребно е да знаеме да подготвиме соодветни апликации или да најдеме луѓе кои можат тоа да го направат, порача професорот Константин Димитров од МАЦЕФ, модераторот на конференцијата во својот поздравен говор.
Тој нагласи дека денешната конференција можеби е вистинското место на кое можат да се најдат одговори или лица за да се подобри исокристеноста на фондовите за проектите за енергетска ефикасност и заштита на животната средина.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски посочи дека денешната конференција е целосно поддржана од РЕ-СЕЕтиес, проектот на ЕУ со траење од две години и буџет од 2,249 милиони евра, кој се фокусира на проблемот на неефикасно искористување на ресурсите во градовите.
– Во проектот покрај Скопје учествуваат и Будимпешта – Унгарија, Аигалиео – Грција, Потенца – Италија, Нитра – Словачка, Птуј – Словенија, Иванич Град – Хрватска и Харгита – Романија, како и неколку професионални институции како партнери. Целта е да им се помогне на општините да развијат интегрирано решение за отпад и енергија, за да се создадат урбани заедници кои ефикасно ќе ги искористуваат ресурсите, појасни Трајановски.
Тој порача дека заедно со националните влади, локалните и регионални власти ја делат одговорноста и активно ја преземаат обврската за борба против глобалното затоплување преку програма за ефикасно користење на енергијата и користење на обновливите извори на енергија.
– Градот Скопје како дел од Мрежата на енергетско – ефикасни главни градови од Југоисточна Европа во рамките на своите ингеренции непосредно е вклучен во решавање на енергетската ефикасност. Во рамки на активностите направена е тригодишна програма за енергетска ефикасност на објектите кои се под ингеренции на Градот, со енергетски ефикасни -натриумови светилки, променети се над 95 отсто на уличните светилки кои се под ингеренција на Град Скопје, гасифицирани се две средни училишта, направени се проекти за гасификација за уште две средни училишта и моментално е во тек почеток на изведба на системите, извршена е промена на ПВЦ прозорци во речиси сите средни училишта на Град Скопје,…, истакна Трајановски.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, пак, нагласи дека енергетската ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија се клучни за заштита на животната средина и додаде дека се повеќе македонски фирми по примерот на депонијата Дрисла и компанијата Везе Шари се одлучуваат за производство на електрична енергија од отпадот што го создаваат при технолошката постапка.
На конференцијата, која е во организација на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ и Град Скопје со финансиска поддршка од меѓународниот проект „РЕ –СЕЕтиес“, ќе се претстават седум веќе реализирани проекти со меѓународни средства.