Конференција за проектот „Извозен акцелератор за мали и средни претпријатија“, финансиран од ЕУ ќе се одржи денеска во ЕУ Инфо центарот во Скопје.
Осврт за потребата и целите на проектот ќе даде претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров, а за клучните елементи на проектот ќе говори тим лидерот на проектот, м-р Розалија Карчицка – Василевска.
Целта на проектот е да ја подигне конкурентноста на малите и средните претпријатија и прагматично да придонесе во имплементацијата на националните стратешки документи за конкурентност. Проектот ќе придонесе за постигнување на конкурентска одржлива предност на извозот на прехранбено-преработувачката индустрија и ќе им помогне на малите и средните претпријатија во интернационализацијата, подигање на извозниот капацитет и можности. Конкретните бенефити од проектот за фирмите – учеснички ќе биде директната експертска поддршка во подготовката на извозната процедура и документација и други поврзани извозни активности (анализи, нови пазари, контакти со дистрибутивни мрежи и сл.).
Проектот има иновативен пристап и ќе ја зајакне поддршката при извоз на конкретни производи, со што ќе овозможи директен бенефит за вклучените мали и средни претпријатија. Во следните 24 месеци проектот ќе биде спроведуван од Организацијата на работодавачи на Македонија и Институтот за динамичен развој Сфера-Нова.