КОМП на НБ: Монетарната поставеност соодветна на макроекономските услови

Од:

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на седница заклучи дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена.

Како што соопшти Народната банка на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, одржаа вчера разгледани се движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата е одлучено каматната стапка на благајничките записи по намалувањето во три наврати од почетокот на годината да се задржи на нивото од 1,5 отсто. –Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на благајнички записи придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, стои во соопштението.

Од Народната банка додаваат дека последно расположливите макроекономски показатели упатуваат на годишен пад на бруто домашниот производ во првата половина од годината од 6,4 отсто. Во однос на априлската проекција на Народната банка, ова претставува малку послабо остварување од очекувањата главно како резултат на отстапувањето за првиот квартал, додека остварувањето во вториот квартал е во целост во согласност со проекцијата на Народната банка. Тековно расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал од 2020 година упатуваат на поумерени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, поместување кое е очекувано и во проекцијата на Народната банка. Ова, како што наведуваат, е видливо преку забавувањето на годишните стапки на пад на индустријата, градежништвото, прометот во угостителството, а делумно и кај трговијата.

Просечната годишна стапка на инфлација и натаму е на релативно ниско и стабилно ниво и за првите девет месеци од годината изнесува 0,9 отсто, за што главно придонесуваат повисоките цени на храната. -Во однос на проекцијата, ваквите остварувања се над очекувањата за стапка на инфлација од 0 отсто во 2020 година. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, неизвесноста околу остварувањето на проекцијата на инфлацијата за 2020 година е зголемена, со претежно нагорни ризици, истакнуваат од Народната банка.

Девизните резерви и на крајот на третиот квартал на 2020 година се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, а во почетокот на октомври е остварен дополнителен прилив од 80 милиони евра врз основа на заем на државата во рамките на макрофинансиската поддршка на Европската комисија. Главни фактори што делуваа врз промената на девизните резерви во третиот квартал се редовните отплати на обврските на јавниот сектор кон странство и интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Податоците од надворешно-трговската статистика заклучно со август упатуваат на можност за остварување трговски дефицит главно во согласност со очекуваниот, согласно со априлската проекција.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за септември покажуваат нивен натамошен солиден годишен раст, којшто е повисок во однос на проекцијата за третиот квартал од годината.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително е зголемена, што придонесе за многу ниска и повремена потреба на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари.

Показателите за домашните финансиски пазари за септември 2020 година, како што стои во соопштението, упатуваат на натамошно подобрување на движењата и на девизниот пазар, со оглед на порастот на понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие случувања беа проследени со одржување на девизната ликвидност на банките на стабилно ниво и придонесоа за натамошно намалување, не само на присуството на Народната банка на девизниот пазар, туку и на износот на интервенции за продажба на девизи на банките поддржувачки, којшто во септември беше најнизок (11 милиони евра) од почетокот на кризата наваму. Поволните движења на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на октомври, кога банките на нето-основа откупуваат девизи од економските субјекти, а Народната банка нема интервенции.

Од Народната банка наведуваат дека неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија и оти централната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно.

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка