Коморите и синдикатите спротивставени околу изборот на економски вицепремиер

Од:

Стопанските комори деновиве предложија кандидати за економски вицепремиер во новата влада. Нивниот став е дека бизнисот треба да биде директно вклучен во економската и развојната политика на државата и дека треба да има пристап во подготовката на законите пред тие да ги поминат филтрите на владата, а не откако ќе влезат во собраниска процедура.

Наспроти коморите, 13 синдикални здруженија од земјава не ја поддржуваат ваквата идеја, дури се и децидно против. Сметаат дека за Македонија да тргне по вистинскиот пат на развојот, мора да има промена во економските политики, но не во насока на, како што велат, уште поголемо фаворизирање на бизнисот, туку во спротивна, на градење поинклузивно општество. Тие ја артикулираа ваквата заложба во т.н. Повелба за солидарност на синдикатите и сите пријатели на работниците во Македонија.

Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ), пак, е на мислење дека владата треба да назначи вицепремиер за економски прашања според сопствена програма и план, но и да воспостави механизми и правила за транспарентен консултативен процес со сите засегнати интересни групи.

Кочо Анѓушев, Александар Зарков и Неби Хоџа се кандидатите што ги предлагаат стопанските комори за вицепремиери за економски прашања во новата влада. Анѓушев е потпретседател на Стопанската комора на Македонија, Зарков е извршен директор на Сојузот на стопанските комори (ССК), а Хоџа е претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

– Вицепремиерот за економски прашања треба да делува во насока на креирање стратегија за развој на приватниот сектор, на поголема продуктивност, поголем број вработувања, подобрување на деловното опкружување и овозможување негов раст и развој, порачува бизнис заедницата според која е неопходно целосно усогласување на владините политики со интересите на стопанството.

Според синдикатите, владата и бизнис заедницата имаат различни интереси кои понекогаш и се преклопуваат, но во поголем дел од времето се спротивни едни на други.

– Меѓу владата и бизнис заедницата треба да постои соработка, ама таа соработка е на ниво на трипартитен дијалог канализиран преку Економско-социјалниот совет, во кој, покрај владата и бизнис секторот, се вклучени и синдикатите. Поради сите овие причини, силно се противиме на идејата за именување вицепремиер од бизнис секторот, децидни се синдикалците.

Бизнис конфедерацијата очекува новата влада да ги почитува и спроведува досегашните практики на консултации и дијалог со претставниците на сите интересни групи на граѓани, правни и приватни субјекти, а за воспоставување транспарентен и косултативен социо-економски дијалог, предлага ротирачки функции на претседателите на Економско-социјалниот совет и на Националниот совет за претприемништво и конкурентност.

Би можело да ве интересира

Бизнис заедницата бара повлекување и запирање на предлог Законот за данок на солидарност

Потпретседател на ССК проф. д-р Симов: ИКТ секторот, туризмот и агро бизнисот главни сектори за соработка со Бугарија

Ана Ололовска

Економијата на САД во март отворила 431.000 работни места, добар знак за Администрацијата на Бајден

А1он

Ќе се подобрува бизнис климата за развој на женското претприемништво

Ана Ололовска

Инфософт групацијата прослави 30 години постоење!

Ана Ололовска

Избрани најдобрите „зелени бизнис идеи“ за годинава

Жарко Настоски